– Вевчанскиот карневал, со своето илјадагодишно постоење, е повеќе од традиција – тој е еден од најавтентичните симболи на нашето културно наследство. Креативните маски изработени со големо мајсторство се повеќе од уметнички дела. Тие се огледало на времето – носат пораки, раскажуваат приказни и на уникатен начин го поврзуваат минатото со сегашноста – рече министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, најавувајќи го годинашното издание на карневалот што, традиционално, ќе се одржи за празникот Василица
Вевчанскиот карневал, традиционално, ќе се одржи за празникот Василица, од 12 до 14 јануари. Покрај традиционалните маски и новите креации што го отсликуваат општествениот живот во изминатите 12 месеци, за посетителите е предвидена и богата и разновидна дводневна музичка програма. Во недела навечер, на 12 јануари, ќе настапат „Пајак“, „Ареа“ и „Забрањено пушење“, а следната вечер, „Љубојна“, Наум Петрески, оркестарот „Вевчани“, како и Перо Бели и Коки Биоритам. Годинашното издание на карневалот го најавија градоначалникот на Вевчани, Спасе Кочовски, и министерот за култура и туризам, Зоран Љутков.
– Вевчанскиот карневал е слика и прилика на тоа што се случувало во општествено-политичкиот живот претходната година, претставено на специфичен начин – рече градоначалникот Кочовски на денешната прес-конференција во Скопје, посочувајќи дека очекува голема посетеност на карневалот.
Министерот Љутков, пак, го истакна значењето на карневалот, кој е културна и туристичка атракција од големо значење за Вевчани и за вевчанци, но и за цела Македонија.
– Вевчанскиот карневал, со своето илјадагодишно постоење, е повеќе од традиција – тој е еден од најавтентичните симболи на нашето културно наследство, кој, и покрај предизвиците и недостигот на континуирана поддршка во изминатите години, опстојува како симбол на нашите култура и традиција. Вевчанскиот карневал е потврда за посветеноста и за љубовта на вевчанци кон своето наследство, кои со своите упорност и страст го задржаа духот на карневалот жив и ја потврдија неговата важност. Креативните маски, изработени со големо мајсторство, се повеќе од уметнички дела. Тие се огледало на времето – носат пораки, раскажуваат приказни и на уникатен начин го поврзуваат минатото со сегашноста – рече Љутков.
Министерот Љутков ги истакна и туристичката атрактивност и можностите за развој на културата и на туризмот на Вевчани:
– Вевчани е и вистинска туристичка атракција. Лоцирано на падините на планината Јабланица, со недопрена природа како Вевчанските Извори, богата историја, традиционална архитектура, специјалитети од локалната кујна, традиција и фолклор, е основа Министерството за култура и туризам во иднина да посвети особено внимание за промоција и за поддршка на културниот туризам на целиот овој регион, вклучувајќи ги и Охрид, Струга и Дебарца.
Во пресрет на годинашниот Вевчански карневал, Љутков најави дека оваа манифестација, која е членка на меѓународната асоцијација на карневали, ќе биде промовирана како национален бренд, кој нуди уникатно искуство и кој, како спој на културата и туризмот, привлекува и ќе привлекува уште поголемо меѓународно внимание и посетеност.
– Од тие причини, заедно со локалните власти и бизнис-партнерите, работиме на тоа карневалот да го достигне својот полн потенцијал и во меѓународни рамки – додаде министерот.
Одговарајќи на новинарско прашање, Љутков рече дека карневалот немал поддршка неколку години претходно, но дека сега има поддршка од Министерството за култура и туризам. Дополнително ќе се знае сумата, по одлуката на Комисијата што одлучува по конкурсот, каде што конкурирала и Општината.