Политички турбулентна беше изминатата година во која главни предизвици беа продолжувањето на евроинтеграцијата на земјата, одржувањето на двојните – претседателски и парламентарни избори, но и справувањето со криминалот и корупцијата, како и урнисаниот правосуден систем. Новата Влада доби силен мандат со гласовите на граѓаните да се справува со најважните државнички прашања, за чие решавање, очигледно ќе бидат потребни уште многу напори и истрајност. Премирот Христијан Мицкоски цврсто стои на ставот дека нема да има нови отстапки од нaционалните интереси.
Изборите како казна за разочарувањата и како надеж за подобро
Длабоката и сеприсутна корупција, урнисаната правна држава, која прекуноќ дури и ги ублажи тешките кривични дела, неисполнетите ветувања на скапо платените функционери, нефункционалните институции во кои се играше и фудбал, слабата економија, наместените тендери, закочениот процес на евроинтеграција… направија парламентарните и претседателските избори одржани на 24 април и на 8 мај да бидат едни од најмалку неизвесните. Речиси сите анкети покажуваа убедлива предност на дотогашната опозиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ и пораз на СДСМ и на неговите партнери. На крајот од изборните денови, резултатите на најубедлив начин ги покажаа незадоволството, разочараноста и желбата за голема и темелна промена кај граѓаните по седумгодишното практикување на власта од социјалдемократите и од нивниот главен партнер во владата – ДУИ.
Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, која настапуваше под слоганот „Македонија повторно твоја“, доби голема и силна доверба олицетворена во 58 пратенички мандати во 120-членото македонско Собрание, врз основа на поддршката од 436.036 граѓани. Врз основа на тоа лесно одеше и составувањето на Владата со партнерската коалиција „Вреди“, која доби 14-мина пратеници, и со движењето ЗНАМ со шестмина пратеници. Со тоа се обезбеди стабилно владино и парламентарно мнозинство составено од 78-мина пратеници, само двајца помалку од потребното двотретинско мнозинство од 80-мина народни избраници, предвидено за најзначајните промени во правниот систем во државата. Опозициските коалиции на СДСМ и на „интегративците“ останаа на само по 18-мина пратеници, додека опозициската Левица дејствува со шестмина пратеници. Уште поубедлива, пак, беше победата на Гордана Сиљановска-Давкова, зад која стоеше коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ со 561.000 освоени гласови во однос на 252.000 на Стево Пендаровски, поддржан од социјалдемократите и од партнерите.
Соодносот од 78 наспроти 42 пратеници меѓу власта и опозицијата прави владината коалиција да може без поголеми тешкотии да го исполнува она што им го вети на граѓаните. А ветувањата, главно содржани во изборната програма „Платформа 1198“, не беа мали. Развојот на државата, подобрувањето на животниот стандард, квалитетот на живот на граѓаните се главните цели на она што им се вети на граѓаните во наредниве четири години, заедно со враќањето на гордоста и на достоинството. Па така, ветено е отворање фронт против корупцијата, почитување на правото, раст на БДП до 5 проценти годишно, зголемени пензии, намалување на невработеноста до 7,5 проценти, нови 55.000 работни места, нови инвестиции, нови Судски совет и Совет на јавни обвинители, нови патишта, клинички болници, субвенции за земјоделците, мерки за поголем наталитет, запирање на иселувањето во странство.
– Целта на Владата е обнова на институциите, борба против криминалот и корупцијата и, конечно, владеење на правото. Од она што го дознаваме за состојбите во државата, ситуацијата е еднаква на клиничка смрт во повеќе клучни области, девастирана до мера на непрепознатливост, каде што институциите се доведени пред буквална пропаст и незапаметена нефункционалност. Ова не го зборувам дека имам намера да смислувам изговори или да плачеме над лошата состојба, туку дека одлучно ќе одговориме, затоа што оваа генерација нема опција за неуспех и заедно ќе мора да направиме големи чекори напред – изјави во своето експозе во јуни годинава, кога се избираше новата Влада, премиерот Христијан Мицкоски.
И сега, шест месеци подоцна, како и во наредните три и пол години од остатокот на мандатот, на граѓаните ќе биде да проценат дали се исполнува ветеното. По големите разочарувања, надежите се големи и се бараат подобрувања на секој план. Последните анкети покажуваат дека довербата на граѓаните и натаму е голема, што значи дека постојат речиси сите предуслови животот на граѓаните во Македонија да стане подобар и во духот на очекувањата со кои се дочекуваат и се испраќаат секои избори.
Уставни измени
На Македонија никако да ѝ се отвори патот да стане дел од европското семејство, и после речиси две децении во чекалната на Европската Унија, откако земјава доби кандидатски стаус во 2005 година, а од 2009 година добива препораки за почеток на преговорите со ЕУ. Непосредно пред почетокот на 2024 година, земјава го заврши скрининг процесот со ЕУ, како прва фаза од преговарачкиот процес што започна во јули 2022 година, а неговото завршување беше предуслов за премин во втората фаза – преговорите по поглавја и кластери. Но, согласно Преговарачката рамка, за премин кон преговорите по кластери Македонија мора да исполни уште еден предуслов, а тоа е промена на Уставот. Во годината што изминува, Македонија беше пред двојни – претседателски и парламентарни избори, поради што, меѓу другите пречки, беше тешко да се очекува дека во 2024 година може да направи чекор напред кон Унијата, кој е условен со промената на Уставот. Прво проблем беше обезбедувањето на потребното двотретинско мнозинство, а со доаѓањето на власт на новата коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ, настана промена на безпоговорното прифаќање на условите од Брисел и Софија. Актуалната власт инсистира на претходни гаранции дека нема да има нови блокади откако ќе бидат усвоени уставните измени за внес на Бугарите во Преамбулата. На средбите со високи европски претставници, премиерот Христијан Мицкоски бара да биде прифатен моделот на уставни измени со одложено дејство, односо, тие да почнат да важат тогаш кога сите земји членки, па и Бугарија, ќе го ратификуваат македонското членство во Европската Унија.
Во предизборниот период во Македонија, но и во Европската Унија и во Бугарија, која четири години не може да премине од техничка на политичка Влада, од Брисел и од Софија пристигаа пораки дека условите се јасни – Македонија ќе мора да го спроведе прифатениот француски предлог и не се очекува дека е можна промена на Преговарачката рамка, како што најавуваа од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Еруптираше и реториката на релација Скопје – Софија.
Во пресрет на европските избори, кои се одржаа од 6 до 9 јуни, лидерите на ЕУ ја засилија реториката за отворени врати на Унијата за земјите кандидати, вклучително и државите од Западен Балкан. Не можејќи да се пофалат со некое друго достигнување во проширувањето во последните две децении, европските лидери како мотив ја користеа убавата приказна за големото проширување на Унијата во 2004 година, давајќи им надеж на земјите од регионот кои долго го одат трнливиот пат кон Брисел, дека во 2030 година може да се случи ново „големо проширување“ на европското семејство.
Мицкоски уште како мандатар за состав на новата Влада порачуваше дека Меѓународните договори треба да се почитуваат, но тоа е двонасочна улица и дека Владата предводен од него нема да прифаќа диктати и ултиматуми. Мицкоски, како и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, интензивно порачуваат да преовлада разумот кај новиот состав на Европската комисија и единствен критериум да бидат Копенхашките критериуми. Сиљановска-Давкова порача Скопје и Софија да се договорат за одложено дејство – Бугарија да не става вето за Македонија да може да ги започне преговорите со ЕУ, а земјава паралелно да работи на исполнување на Копенхашките критеруми и во меѓувреме да стапат на сила уставните измени и двете земји да останат пријателски. Во својата дипломатска офанзива во Брисел, премиерот Мицкоски ја актуелизираше идејата за „Француски предлог плус“ – уставни измени со одложено дејство, односно вметнувањето на Бугарите во Уставот да биде изгласано во Собранието, но да стапи на сила откако земјава ќе се приклучи кон Европската Унија.
Откако Владата усно го опипа пулсот на ЕУ-членките во однос на уставни измени со одложено дејство, подготвуваше официјално писмено решение што ќе го достави во Брисел. Но, премиерот се откажа од испраќање на ова писмо, со образложение дека што би имало во него, тој веќе лично им пренел на европските претставници.
Бугарите во Македонија и барањето да се вметнат во македонскиот Устав влегоа и во извештајот на Европската комисија за напредокот на земјава кон Унијата. ЕК во извештајот вели дека земјава претставува добар пример за мултиетничко општество, но посочува дека мора да ја зајакне довербата во правосудниот систем, да го интензивира темпото на реформите поврзани со ЕУ, како и да ја исполни преземената обврска за комплетирање на уставните измени. Покрај усвојувањето на уставните измени, во Извештајот се нагласува потребата од „спроведување со добра волја“ на билатералните договори со соседните земји, односно на Договорот од Преспа и на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија.
Од источниот сосед постојано пристигаа реакции дека внесувањето на Бугарите во Уставот е единствен начин за напредок на земјава во евроинтегративниот процес.
Во меѓувреме, во септември, Владата го изгласа и објави новиот состав на историската комисија кој ќе ги брани македонските национални интереси на состаноците со бугарските колеги. Неколку дена подоцна, се случи дипломатски скандал, кога македонското знаме не беше истакнато на средбата во Софија помеѓу македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова и нејзиниот домаќин, бугарскиот колега Румен Радев. Бугарскиот државен врв тогаш ја пречека македонската претседателка со реторика без отстапки од позициите на официјална Софија.
На крајот на септември, Брисел донесе одлука Албанија на 15 октомври да ги отвори преговорите со ЕУ по поглавја, а да нема поместување за Македонија поради неисполнување на преземената обврска за внес на Бугарите во македонскиот Устав. Премиерот Христијан Мицкоски тогаш изјави дека тоа не се преговори, туку диктат. Во исто време, во бугарскиот Парламент едногласно беше усвоена декларација за Македонија, додека македонските политички партии сè уште не можат да се договорат околу единствена национална стратегија. Изминатиот месец, Движењето ЗНАМ – За наша Македонија промовираше Национална платформа за македонско национално единство. Од СДСМ, откако ја одбија, излегоа со своја верзија за која лидерот Венко Филипче рече дека ќе биде натпартиска и надетничка заедничка државна стратегија.
На крајот на ноември, претседателот на македонското Собрание Африм Гаши порача дека Собранието има двотретинско мнозинство за уставни измени и веднаш штом ќе има политички договор, подготвено е да ја почне процедурата, но политичарите во земјава мора да бидат внимателни да не се остави простор за нови блокади од Софија, затоа што ако се случи вето после уставните измени, тоа ќе го поттикне евроскептицизмот во државата. Премиерот Христијан Мицкоски стои цврсто на ставот дека Владата има дефинирани црвени линии во процесот на уставните измени и дека нема да отстапи од нив ни милиметар.
Во последниот месец од 2024 година, премиерот Мицкоски два пати отпатува во Брисел, по официјалниот старт на мандатот на новата Европска комисија на 1 декември. Првите средби на почетокот на месецот беа како увертира пред Самитот ЕУ – Западен Балкан, на 18 декември. И овие средби беа можност македонските претставници да ги презентираат македонските позиции во однос на уставните измени за кои земјава инсистира да бидат со одложено дејство. Од тие средби, премиерот Мицкоски излезе поголем оптимист во однос на макеоднските евронтеграции. Мицкоски рече дека земјава досега не добила антитези од Брисел за ставовите за уставни измени со одложено дејство. И претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, во првото свое годишно обраќање до јавноста во средата, порача дека е време за храбар исчекор од Унијата и дека уставни измени со одложено дејство е единственото можно решение.
Артан Груби – од вицепремиер до осомничен бегалец
Правдата во Македонија годинава што изминува имаше поразителен рејтинг од 2 % доверба кај граѓаните, Европската Унија побара нејзино засилување во правосудниот систем и решителна борба со корупцијата и со организираниот криминал. Граѓаните очекуваа од новата Влада расчистување со криминалите за кои пишуваа медиумите, а истражните органи замижуваа. И тогаш, некаде на почетокот од есента, се појави премиерот во јавноста и реши да му направи „егзорцизам“ на правосудството. Почна од Судскиот совет.
– Ова е систем. Системот почнува од тие неколкумина, сите знаеме кои се, сите во државава знаеме кои се тие во правосудството што се корумпирани и сега ние ако се правиме слепи при очи, глуви при уши, во ред, но не е во ред поради децата и поради идните генерации што доаѓаат. Секој што знае експерт, подобро нека дојде, нека каже, само очајно молам да направиме барем нешто овие два процента да бидат 12. Јас знам дека не можат да бидат 22, 52, 82, но барем да бидат 12 – изјави премиерот.
Наративот стана остар и во изјавите за Јавното обвинителство, па граѓаните се изнаслушаа за обвинителската дијареја и за повиците до државниот обвинител Љупчо Коцевски да ги засука ракавите.
– Значи, имаме стотици доставени случаи до ЈО. Но, кога треба да потпише некој обвинител налог за претсрес, за приведување итн., му се слошува, добива дијареја, гушење, покачена температура или добила итн. Секогаш тие наоѓаат начин да ја опструираат акцијата на органите на прогонот. Јас сум жестоко разочаран од ова што се случува денеска, но верувајте дека нема да бидам уште долго. Ќе влеземе во една робусна акција и ако треба, ќе се справиме со тие корумпирани судии и обвинители на поинаков начин – рече Мицкоски.
И тогаш, некаде на почетокот од декември, на социјалната мрежа Х осамна твитот на американската амбасадорка Анџела Агелер дека политичарот Артан Груби и судијата Енвер Беџети се ставени на црната листа на САД поради влијание во судството и поради значајна корупција.
– Ако дојдоа САД до докази против овие лица, можат и истражните органи – порача амбасадорката и ја фрли ракавицата кон институциите што треба да се борат со корупцијата и со криминалот.
И навидум решителната борба почна, студениот глас од Калето се спушти покрај Повардарјето и дојде до барокната зграда на Обвинителството. ОЈО отвори предмет за Груби и за Беџети за примање и за давање мито од поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, за чување судски предмет во фиока, по дневна тарифа. Полицијата му напиша кривична пријава на Груби за криминалите во Државната лотарија од преку осум милиони евра. Но, не успеа да ја прочита, замина по приватна работа во Косово и рече „I will back“ ( Ќе се вратам). Груби избега „дипломатски“, преку граничниот премин Блаце. Во раните утрински часови во ден недела, спокојно излегол од земјава. Полицаецот ја дигнал рампата од возбуда од луксузниот „мерцедес“ во кој се возела големата политичка фигура Артан Груби, така објасни министерот Тошковски, кој го замоли бегалецот да се врати и му вети фер судење. Се чека да дојде уште еден политичар во земјава за да му се одземе пасошот со кој пак излегол од земјава, губејќи му се трагата веќе неколку месеци. Поранешниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски, треба да одговара за милионски злоупотреби во двата рударско-енергетски комбината. Очигледно е дека некои од телефоните во истрагите работат на стариот принцип „двојник“, па се проби и дел од акцијата за разбивање на криминалната банда Беланоца. Син на поранешен заменик-министер во МВР, од редовите на ДУИ, им јавил на криминалците, ама обвинителот реши да му го земе само телефонот и да му ги провери контактите.
Во Македонија правдата не е веќе бавна, туку е колабирана од системот, кој нема волја да ѝ даде капка вода да ги стигне оние што згрешиле. Европската Унија, преку реформската агенда, чека да ја испорачаме правдата, а таа нам – финансиска помош за борба против корупцијата. (Р.В.)