Хрватска го слави големиот успех на скијачката Зринка Љутиќ, која успеа да се закити со „Малиот кристален глобус“ во слалом. Како што Ника Превц доминира во ски-скоковите за Словенија, така и 21-годишната Љутиќ покажа доминација во слалом оваа сезона во алпско скијање. Таа беше десетта во последниот слалом во сезоната, но бидејќи ниту нејзините ривалки не се снајдоа најдобро, остана на првото место во генералниот пласман во слалом за жени.

Не можеа да ѝ се заканат ниту Микаела Шифрин која беше прва, Лена Дуер, која заврши втора и Андреја Слокар трета. Љутиќ заврши со 541 бод во слаломот, второпласираната Линсбергер заостана 32 бода, а третопласираната Раст заврши со 492 бода по последниот слалом во Сан Вели.

  • Го имам, мој е. Знаев дека ќе успеам, но не знаев како. Второто возење беше тешко, не беше мојот најдобар настап. Но, сепак успеав. Пораснав гледајќи ја Јаница, а сега го држам „Кристалниот глобус“. Можеби првпат во животот ќе се напијам, изјавила Зринка Љутиќ по нејзиниот успех.

Зринка Љутиќ е од Загреб, има 21 година и е редовна на Светското првенство од 2022. Првата година беше 81., втората година 31., а третата година 13., а сега е четврта во генералниот пласман, а прва во слалом. Таа е петта во велеслалом, а годинава три пати беше прва во Семеринг, Крањска Гора и Куршевел, а втора во Сестриере, сите во слалом. Таа беше втора во велеслаломот во Килингтон.

Имено, младата Хрватка стана само втората скијачка во историјата која во една сезона ја освоила титулата најдобра млада скијачка и Мал кристален глобус во дисциплината. Зринка оваа сезона ја освои титулата „FIS Rising Star“ за најдобра млада скијачка во сезоната и „Малиот кристален глобус“ во Светскиот куп, а пред неа тоа ѝ успеа само на најдобрата скијачка на сите времиња, Микаела Шифрин.

Во генералниот пласман прва е Федерика Брињоне, втора Лара Гут Бехрами, а трета Софија Гоџа. Во спуст Брињоне беше прва, Корнелија Хитер втора, а Софија Гоџа трета. Во Супер Џи – Лара Гут е прва, Брињоне втора, Гоџа трета, а во велеслалом прва е Брињоне, втора Робинсон, а трета Сара Хектор.

ИЗДВОЕНИ