„Крива Река не ви е крива“ порачаа во саботата еко-активистите на протестот во врска со загадувањето на Крива Река, кое се случи по хаварија во рудникот „Тораница“, управуван од компанијата „Булмак 2016“. Пред Министерството за животна средина и просторно планирање присутните побараа одговорност, увид во анализите на водите како и мерки за заштита на водоснабдувањето во регионот.

Ивана Дракулевска од Зелен хуман град изјави дека последната хаварија во рудникот Тораница ја покажа човечката негрижа кон животната средина.

– Пукната цевка од рудникот ја загади Тораничка Река, која потоа се влева во Крива Река, па на видеоснимките од локалните жители можевме да ја видиме реката низ која наместо вода, изгледа како да тече бетон. Го немаме луксузот да бидеме рамнодушни и да молчиме, како што молчат оние што беа должни да го спречат овој инцидент – рече таа и побара да се покрене истрага за надлежните лица во институции кои морале да си ја завршат работата согласно со законот, а тоа не го направиле.

Таа истакна дека Државниот инспекторат за техничка инспекција требал да го проверува и следи квалитетот на опремата со која располагал рудникот, како и исправноста на цевката која на денот на инцидентот пукна и јаловината се излеа во Тораничка Река, а таа потоа ја загади Крива Река.

Дејан Димитровски од Зелените од Гази Баба апелираше до властите да ги тргнат рацете од животната средина.

– Увидовме дека има пропусти. Би апелирал до сите претходни влади и оваа сега да ги тргнат рацете од животната средина, затоа што тоа е нешто најважно, граѓаните го заслужуваат и по устав. Тргнете ги бизнис-интересите од здравјето на граѓаните. Поминаа 30 години, ние секоја година излегуваме на улица и се бориме за здравјето на граѓаните но нема никакви резултати – рече тој.

Ива Петровска од Зелен хуман град истакна дека приоритет треба да биде чистата вода.

– Како Вардар ја краси Македонија кога сега имаме дополнително загадување и на Крива Река која се влева во Пчиња, која е заштитена и чиста во Србија, а се влева во Вардар. До кога ќе си играме мајтап со реките, треба ли да останеме без нив за да го ставиме фокусот и приоритетот на тоа дека водата треба да е чиста – праша таа.

Случајот со Крива Река се однесува на загадување на водата во реката, кое се случи по хаварија во рудникот Тораница, управуван од компанијата „Булмак 2016“. Основното јавно обвинителство (ОЈО) Куманово започна истрага за да утврди причините и последиците од загадувањето. Истрагата потоа ја презема Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).

Повикувајќи се на анализите на водата на Крива Река направени од независна лабораторија, градоначалникот на Крива Паланка истакна дека реката била загадена со тешки метали и цијаниди многу пати над дозволеното ниво и дека тоа претставува опасност за здравјето на локалното население и животната средина. Директорката на Државниот инспекторат за животна средина изјави дека еколошкиот инцидент во рудникот Тораница нема да остане на половина пат и целосно ќе биде расчистен и ќе има правна разрешница.

ИЗДВОЕНИ