Во Општата болница во Дебар, со серум против змиски отров, биле спасени две странски лица што биле каснати од змија. Едното лице било донесено од соседните села во Албанија, затоа што немале во тамошните амбуланти од серумот. Доколку во период од три до четири часа не се добие ваков серум, настапува смрт.
Директорот на болницата, Јетлумт Пашоли, вели дека нашата болница е поблиску од регионалната во Пешкопеја, па потребната помош се дава побрзо и навреме.
Вториот случај, посочува тој, бил во понеделникот, а неофицијално се работи за холандски државјанин, кој бил на одмор во Охрид.
– Колегите од општата болница од Охрид кои не располагале со серум ни се јавија за случајот и веднаш излеговме во пресрет да помогнеме. Времето беше во прашање и не дозволуваше да однесеме серум до Охрид, поради што со санителско возило од охриската болница пациентот беше донесен кај нас, прими антивиперин и повторно беше вратен во Охрид – додава Пашоли.
Имајќи го предвид периодот на појава на змии, Пашоли вели дека навреме се снабдиле со потребниот серум.