
Да не беше Мохамед Салах, кој во изминатите неколку сезони игра совршено во дресот на Ливерпул, ќезборуваме за Садио Мане како најдобар играч од африканскиот континент. Познатиот Сенегалец моментално е во Саудиска Арабија и има се што ќе посака, но неговата приказна, како и на повеќето африкански фудбалери, има многу тежок почеток во кој ни сопствената мајка не верувала во него.
Денеска 32-годишниот Садио Мане игра за Ал-Наср и има се во животот, заработил доволно што не мора да прави ништо до крајот на животот.
Сепак, богатството и славата не го променија, Мане му помага на сенегалското село каде што пораснал.
Има изградено училишта, болници, водоводна мрежа и им помага на сиромашните. Носи скромни патики и не вози луксузни автомобили.
„Зошто би ми требале 10 Ферарија, 20 дијамантски часовници и авиони? Што е поентата? Сум видел сиромаштија и знам како е. Подобро да давам пари на луѓето на кои им треба”, изјави Мане во една прилика.
Сепак, стартот на Садио Мане беше многу тежок. Останал без татко, а неговата мајка не верувала дека може да го направи тоа што го направил.
Тој израснал во малото село Бамбали во Сенегал, без струја и генерално без основни услови за живот. Како дете играше фудбал бос, со топки кои се направени од стари чорапи и партали.
Тој и кажал на мајка си за неговиот сон да стане фудбалер, но таа не верува дека тоа е можно:
„Кога и кажав на мајка ми дека сакам да бидам фудбалер, таа се насмеа. Ми рече дека тоа не е можно бидејќи немаме пари ниту за основни работи“.
Неговиот татко починал кога Мане имал седум години. Бидејќи во селото немало болница, не му била укажана ниту прва помош. Сепак, за Мане тоа беше само дополнителен мотив за успех, не само за себе, туку и за неговата мајка, семејството и целото село.
Како тинејџер, Мане избегал од своето село во Дакар, главниот град на Сенегал, каде што отишол на проба во локален клуб. Немал пари за пат, па селаните му дале некој денар. На тренинзите тренерите го исмевале бидејќи имал искинати патики и панталони.
„Луѓето ме гледаа и ме прашуваа: „Тука си на проба? Во ова? Но, кога почнав да играм, сите останаа без зборови“.
Сепак, набрзо неговиот талент дојде до израз. 2011 година заврши во Франција каде потпиша за Мец. Во една прилика рекол дека нема кредит на телефонот да и каже на мајка си дека дошол во Франција, на што таа не можела да поверува кога тој конечно и кажал.
Подоцна играше за РБ Салцбург, Саутемптон, Ливерпул и Баерн (М) пред да се пресели во Саудиска Арабија во 2023 година.
За репрезентацијата на Сенегал има настапувано 111 пати и постигнато 45 гола, а во 2022 година со оваа селекција стана шампион на континентот.