ГНЕВОТ ПО УЖАСОТ ВО КОЧАНИ ГО ИЗНЕСУВА НАРОДОТ НА УЛИЦИТЕ: Граѓанските колони бараат правда, а не партиски неправди

2657
На собирите на граѓаните кои се одржуваат последниве денови во Македонија доминира искажувањето на револтот по ужасниот пожар во кочанската дискотеката „Пулс“. Но, на некои најавени собири веќе почнаа да се забележуваат и обиди за партиски влијанија. Политичките аналитичари укажуваат дека нормално е народот да искаже револт за состојбите и дисфункционалниот систем, но и дека во редовите ќе се најдат и инструирани поединци од политички причини и партии кои сакаат да капитализираат со рејтинг

 

Граѓанските протести по ужасните трагедии, кои сега и отпорано се случуваа во Македонија, е очекувани и нормална реакција во која се изразува гневот. Но, исто така, очекувани се и обидите за нивната инструментализација од страна на политичките партии за нивни политички цели. Тоа не смее да се дозволи, и на таквите обиди за злоупотреби на граѓанските собири треба да им се спротивстават најмногу самите граѓани. Вакво е мислењето на политичките аналитичари по серија на собири на граѓаните во повеќе македонски градови.

Жителите на Кочани веќе одржаа неколку собири на кои искажаа својот гнев и револт по ужасниот пожар во дискотеката „Пулс“, на 16 март, во кој настрадаа 59, главно млади лица. На собирите побараа правда и целосна темелна истрага за виновниците за трагедијата, но укажаа и на сите девијации во општеството какви што се мито, корупција, партизацијата, прашувајќи и со паролите „Каде да фатам врски за да си ги вратам другарите, „Или се селиме или живи гориме“…

Следуваа и собири во други градови какви што беа во Штип, Охрид, Тетово… Во понеделник се најавуваше и собир на студенти на платото на УКИМ, во организација на Независниот студентски сојуз, но тој не се случи откако во закажаниот термин не се појавија самите студенти, а истовремено се забележаа активисти на една опозициска политичка партија. Тоа веднаш предизвика дилеми за партиски инволвирања во студентското организирање и политичкото инструментализирање на идните академци.

По ова, прексиноќа во Скопје се одржа најголемиот граѓански собир во организација на иницијативата „Кој е следен“, која дејствува преку социјални мрежи. Неколку илјади граѓани се собраа на главниот скопски плоштад за да потоа долгата поворка, која го носеше заедничкиот транспарент „Системот е следен“, помине пат преку Собранието до зградата на македонската Влада. Милена Јаневска од граѓанското движење „Кој е следен?“ изјави дека очекуваат транспарентност од истражните органи и одговорност од сите поврзани со кочанската и сите претходни трагедии. Таа зборуваше и за загинатите во Кочани кои излегле да се забавуваат, а тоа им било за последен пат.

Фото: Ѕ.Плавевски

-Тие тоа не го заслужиле. Дозволивме да живееме во системот каде што моќните владеат, а другите само страдаат, во општество во кое живото зависи од само еден телефонски повик. Дозволивме да живееме во општество во кое правдата се мери со познанства, во кое кој повеќе ќе изигра нечесно подобро ќе помине. Треба да ги спречиме, а не да ги лечиме тешките рани. Доста само се жалиме и се прашуваме зошто состојбите не се менуваат. Време е зборувањето да го ставиме во акција, ние треба да бидеме систем. Само заедно го можеме тоа. Родители, студенти, сограѓани да ѝ ставиме крај на оваа болка и на повторувањето на трагедиите – порача Јаневска.

Во текот на собирот граѓаните извикуваа и пароли – „Системот нема да не спаси“, „Ваш профит, нашите животи“, „Правда за жртвите“, „Во овој систем грешките се намерни“, а пред зградата на Владата извикуваа и „Цела Влада оставка“… Претходно, додека поминуваа покрај старата Градска болница во центарот на градот ги поздравија медицинските работници, со аплауз и скандирање „Вие сте херои“.

-Додека тие ги полнат своите џебови, ние ќе ги полниме улиците. И ќе продолжиме да ги полниме – сè додека не видиме вистинска правда и промена. Зашто должни сме им – на сите што страдаа, на сите што изгубија, на сите што беа жртви на систем кој наместо да штити – убива – порача Бленди Ходаи, од граѓанската иницијатива „Нула“.

По протестот во дел од медиумите се појавија информации со кои се укажуваше на претходниот ангажман на Јаневска во една невладина фондација, а се укажуваше и на тоа дека еден од говорниците бил и син на еден од поранешните македонски премиери и на сегашната најголема опозициска партија. Од друга страна, само една минута по стартот на собирот МВР објави дека воведува забрана за снимање со дронови долж маршрутата на движењето на граѓаните без детално објаснување за причината.
За политичките аналитичари секоја граѓанска реакција по ваква ситуација е нормален рефлекс.

-Сите ние поминуваме низ неколку фази, на очај, чувство на беспомошност, тага, револт, агресија, па прифаќање. Нормално е народот да искаже револт за состојбите и дисфункционалниот систем. Обично, граѓанските спонтани протести се искрени, масовни, по малку несмасни, но се излив на револт, кој се канализира импулсивно. Штом се влезе во одредена серија на протести, каде што има организирање, логистика, агенда, транспаренти, со детерминирани рути и сатница, повеќе од очигледно станува дека тука има логистика, дека сето тоа има хиерархија и агенда. А тоа може да го направат партии, силни невладини организации или некој од надвор – смета аналитичарот Александар Ристевски, во изјавата за весникот ВЕЧЕР.

И аналитичарот Благојче Атанасовски смета дека е нормално да има гнев кај граѓаните.

-После ваква ужасна трагедија, како што Македонија досега не запаметила, е нормално да има реакционерен гнев, особено од младите луѓе, кои ќе бараат одговорност и промена на корумпираниот систем. Во ваков вид протести, најчесто има автентичен граѓански пркос. Но, има и инструирани поединци од политички причини и партии кои сакаат да капитализираат со рејтинг. Тоа е жално и е бизарно – потенцира овој аналитичар за весникот ВЕЧЕР.

Македонскиот премиер Христијан Мицкоски завчера изјави дека протестите се демократска алатка за изразување незадоволство.

-Сите сме незадоволни од тоа што се случува. Работите ги решаваме и ќе продолжиме да ги решаваме. Тоа е проблем за тие политички глодари, кои сакаат преку овие протести да добијат некој политички поен – нагласи премиерот.

Аналитичарот Ристевски додава дека мешањето на партиите во граѓанските протести на крајот ќе им се удри од глава.

-Некои ќе добијат инстант, на краток рок, но долгорочно ќе им се удри од глава. Реално, народот е уморен од улица, сака ред и поредок. И самите избори пред една година беа своевиден референдум. Актуелната власт има мандат да спроведе чистка, да воведе ред и направи функционално општество и држава. Некои работи одеа пребавно, сега имаат дополнително притисок да делуваат брзо и одважно, без повлекување – потенцира овој аналитичар.

Од друга страна, врзано со собирите на граѓаните се постави и дилема за обидите за странското мешање и пренесување на „сценаријата“ од протестите во соседна Србија во Македонија. Врзано со тоа, аналитичарот Атанасовски е изненаден од жестината на одговорот на власта на протестите.

-Запрепастен сум зошто власта со сета жестина одговара на протестите обвинувајќи за „српско сценарио”, и надворешни закани за „рушење на владата”, кога истата таа власт (премиер, министер за внатрешни работи), најавија робусна борба против корупцијата и организираниот криминал кои одзеде 59 животи во Кочани. Сепак, се поставува прашањето, дали доколку се тргне фронтално во борба против корумпираниот систем, тогаш и многумина од владејачката гарнитура и коалицијата ќе треба да одговараат пред законот. Од ова граѓаните кои организираат протести може да се заштитат само со оградување од сите надворешни фактори и да не им подлегнуваат на провокациите – нагласува Атанасовски.

За Александар Ристевски, пак, повеќе од очигледно е дека структури кои функционираат во Србија, се обидуваат и во живо, и преку интернет-комуникација да бидат логистика за тука.

-Веќе имаше, нели, и приведувања и протерувања, а од објавените видеа видовме како на наши граѓани им се пласираат тези и концепти. Србија низ годините покажа дека извозник на одредени структури кои продаваат левичарски концепти за рушење на легитимно избрани власти, и секогаш со исти шаблони, терминологија и потези. Не гледам страв, колку претпазливост, и сега засега власта успева вешто да ги пробие и разоткрие повеќето – нагласува овој аналитичар.

(Б.Ѓ.)

 

ИЗДВОЕНИ