Конференцијата на ОН за климатски промени (COP 29) заврши со нова финансиска цел: да им помогне на земјите да ги заштитат своите луѓе и економии од климатските катастрофи и да ги споделат огромните придобивки од внесувањето на чистата енергија.
– Со централен фокус на финансирањето за климата, COP 29 обедини речиси 200 земји во Баку, Азербејџан и постигна договор што ќе овозможи тројно финансирање на земјите во развој, од претходната цел од 100 милијарди американски долари годишно – до 300 милијарди долари годишно до 2035 година. Исто така, ќе обезбеди сигурни напори на сите актери да работат заедно за зголемување на финансиите во земјите во развој, од јавни и приватни извори, до износ од 1,3 трилиони американски долари годишно до 2035 година – информираа од Министерството за животна средина.
Меѓународната агенција за енергија очекува глобалните инвестиции за чиста енергија да надминат 2 трилиони американски долари за прв пат во 2024 година.
Новата колективна квантифицирана цел за климатски финансии (NCQG) беше договорена по две недели интензивни преговори и по неколку години подготвителна работа, во процес што бара сите нации едногласно да се согласат за секој збор од договорот.
– Оваа нова финансиска цел е осигурителна полиса за човештвото, во услови на влошување на климатските влијанија што ја погодуваат секоја земја. Навреме мора да се исполнат ветувањата за да се заштитат милијарди животи. Тоа ќе го одржи растечкиот бум на чистата енергија, помагајќи им на сите земји да ги споделат нејзините огромни придобивки: повеќе работни места, посилен раст, поевтина и почиста енергија за сите – рече Сајмон Стил, извршен секретар на ОН за климатски промени.
Новата финансиска цел на COP 29 се надоврзува на претходно постигнатите чекори на глобалната климатска акција на COP 27, која договори историски фонд за загуби и штети и COP 28, која донесе глобален договор за транзиција од сите фосилни горива во енергетските системи – брзо и правично, тројно обновливи извори на енергија и
зајакнување на отпорноста на климата.
На конференцијата во Баку, Република Македонија беше претставена на највисоко ниво, со делегација предводена од претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова. Во делегацијата беа и вицепремиерот Изет Меџитии
и министерката за енергетика, Сања Божиновска. Беа потпишани важни договори.
(С.Бл.)