Институтот за меѓународни финансии (IIF) објави дека глобалниот долг достигна рекордни 312 трилиони долари на крајот на вториот квартал од 2024 година, пред сè поради растот на задолжувањето во САД и Кина. Податоците на IIF говорат дека покрај Кина и САД, долгот го зголемиле и Индија, Русија и Шведска, а значително намалување забележале останатите европски земји и Јапонија.

– Светскиот долг се зголеми за 2,1 трилиони долари во првата половина од годината и постои можност ситуацијата дополнително да се влоши поради намалувањето на каматните стапки. Зголемувањето на задолжувањето, во голема мера, е последица на енергетската транзиција и преминот кон обновливи извори на енергија. Глобалниот однос на долгот и БДП – показател за способноста за отплата на долгот во споредба со произведеното – се стабилизира помеѓу 327 и 328 проценти – се вели во извештајот.

На пазарите во развој, односот на долгот кон БДП достигна нов максимум од 245 проценти. Авторите на извештајот наведуваат дека се загрижени поради очигледниот недостаток на политичка волја за решавање на проблемот со долгот – како во напредните економии, така и на пазарите во развој.

IIF предупредува и на можно драстично зголемување на државните задолжувања низ светот од сегашните 92 трилиони долари на 145 трилиони долари до 2030 година, а потенцијално да надминат 440 трилиони долари до 2050 година.