Како што пристигнува новата календарска година, највлијателните светски филмски магазини се повеќе почнуваат да се занимаваат со прогнози за Оскарите, кои ќе се одржат на 3 март 2025 година.
Неодамна беа објавени потесните списоци во неколку категории, но во клучните номинациите ќе ги дознаеме дури во јануари.
Сепак, магазинот Variety веќе прогнозира кој ќе добие Оскар за најдобар филм. И тоа е прилично изненадување. Имено, тие даваат најмногу шанси за реализација на „Wicked“ од Џон Чу. Станува збор за адаптација на истоимениот роман на Грегори Мегваер од 1995 година, а филмот има елементи на мјузикл и комедија и моментално е водечки светски хит со заработка од над половина милијарда долари.
Актерската екипа ја предводат музичарите и актерките Синтија Ериво и Аријана Гранде, а другите улоги ги толкуваат Џеф Голдблум, Мишел Јео, Питер Динклиџ и Џонатан Бејли.
Од Variety понатаму наведуваат дека има многу достигнувања кои ја одбележале оваа година, меѓу кои пред се „Емилија Перез“, „Бруталист“, „Дина: Втор дел“ и „Анора“.
Тие проценуваат дека меѓу номинираните ќе бидат „A Complete Unknown“, „Conclave“, „A Real pain“, „Sing Sing“ и „The Substance“.
Интересно е што уште еден блокбастер годинава – „Гладијатор 2“, на Ридли Скот, воопшто го нема на оваа листа, иако многумина за него предвидуваа многу номинации.