На доделувањето на САГ наградите, Тимоти Шаламе беше прогласен за најдобар главен актер за биографскиот филм за Боб Дилан „Целосно непознат“ (A Complete Unknown), додека Деми Мур ја доби наградата за најдобра актерка во главна улога за хоророт „Супстанцијата“ (The Substance)

Филмот „Конклава“ (Conclave), на режисерот Едвард Бергер, ја освои наградата за најдобра актерска екипа на доделувањето на признанијата на Здружението на филмските актери (SAG), што се одржа по 31. пат во неделата.

Eкипата на „Конклава“

Во политичкиот трилер, напишан од Питер Страган, а заснован на романот на Роберт Харис од 2016, улогите ги толкуваат докажаните Ралф Фајнс, Стенли Тучи, Џон Литгоу, Серџо Кастелито и Изабела Роселини. Филмот го прикажува кардиналот Томас Лоренс (Фајнс) кој е задолжен да води еден од најтајните настани во светот, изборот на нов папа. Но тој се наоѓа во центарот на заговор (истражувајќи тајни и скандали за главните кандидати), којшто може да го разниша темелот на Католичката црква.

Сцена од „Конклава“

Актерот Рајф Фајнс, кој ја прими наградата во име на актерската екипа, му се заблагодари на режисерот Бергер за „перцепцијата, увидот и грижата“.

Сцена од „Целосно непознат“

На доделувањето на САГ наградите, Тимоти Шаламе, пак, беше прогласен за најдобар главен актер за биографскиот филм за Боб Дилан „Целосно непознат“ (A Complete Unknown), додека Деми Мур ја доби наградата за најдобра актерка во главна улога за хоророт „Супстанцијата“ (The Substance).

Наградата за најдобра споредна машка улога му припадна на Киеран Калкин за филмот „Вистинска болка (A Real Pain), а Зои Салдана се закити со наградата за најдобра актерка во споредна улога за филмот „Емилија Перез“.

Џејн Фонда

Наградата за животно дело ја доби актерката Џејн Фонда, која во својот говор истакна дека „треба да останеме обединети, да им помагаме на ранливите и да проектираме инспиративна визија за иднината“.

Покрај филмските категории, наградите на САГ се доделуваат и за професионалците од ТВ индустријата.

Селена Гомез

На пристигнувањето на свеченоста, на ‘црвениот тепих’ се појавија повеќе актери и актерки, од кои најголем впечаток, освен со својот аутфит, оставија и оние кои видливо ја имаа намалено својата тежина. На социјалните мрежи се коментираше дека некои од актерките изгледаат и премногу слабо. (Н.И.Т.)

Софија Карсон
Брук Шилдс

Фото: EPA/EFE

ИЗДВОЕНИ