Одлуката на македонските власти околу резолуциите за Украина сè уште предизвикува реакции. На новинарско прашање дали позиционирањето на земјава за резолуциите на ОН може да се одрази на нашиот евроинтегративен пат коментар имаше и францускиот амбасадор во земјава, Кристоф Ле Риголер, кој рече дека одлуката на Македонија за гласањето за резолуциите била неочекувана.
-Навистина вие посочувате кон важна тема, за одлуката за гласање на Северна Македонија во Њујорк, којашто за нас беше неочекувана. Мислам дека треба да се концентрираме на темата којашто е важна затоа што се случија гласањата во Њујорк, за проектот за резолуција. Постои навистина неопходност за излегување од конфликтот во Украина, но има и поважна тема, а тоа е вредноста којашто денес ја даваме во Европа на територијалниот интегритет, почитувањето на сувереноста, империјализмот на еден сосед во однос на друг сосед, до тој степен што се негира неговото постоење, идентитет, и јазик. Тоа е тема којашто бара единствен европски одговор. Целта на европската дипломатија денес, целта на секој од нас е токму да се одржи таа унитарност и да се има исти заеднички пристап кој ќе обезбеди безбедност на континентот во наредните години, наредените децении за нас и нашите деца, рече амбасадорот Ле Риголер.
Претходно обвинувања на адреса на Владата пристигнаа и од лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Венко Филипче, кој рече дека гласањето за резолуциите за Украина во ОН јасно покажало дека македонската надворешна политика е без компас, дека се одлучува импулсивно и без надворешно политички приоритети. Филипче смета дека за двете резолуции во ОН требало да се гласа „за“, бидејќи тие не се косат една со друга туку се надополнуваат.
-Со овие хаотични и навистина неразбрливи одлуки Македонија испраќа порака дека нејзината надворешна политика е импровизација. Дополнително Владата ја продлабочи конфузијата со тоа што прифати да бидеме коспонзори на американската резолуција, а потоа гласавме воздржано. Првпат една македонска влада што конспонзорира резолуција потоа не гласа за истата, рече Филипче.
Гласавме усогласено со САД
Експресно реагираа премиерот Христијан Мицкоски, македонското МНР и владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Мицкоски рече дека македонскиот претставник во ОН во името на државата гласал „воздржано“ усогласено со САД, кои исто така беа воздржани. Премиерот рече дека за сите овие години додека е лидер на ВМРО-ДПМНЕ се изнаслушал „сè и сешто за себе“ и „за политичката сцена“ и тоа го нарече „политички фолклор“.
-Овие луѓе имаат најмалку кредибилитет да зборуваат, посебно за нашата меѓународна активност и посебно за нашите релации со администрацијата на претседателот на Трамп. Ме обвинуваа дека сум анти-НАТО, анти-Америка, проруски…а, сега им пречи што имаме одлична соработка со администрацијата на САД. Бевме коспонзори, да, и ќе ја потсетам македонската јавност дека таа резолуција е обврзувачка бидејќи помина на Советот за безбедност. Останатите членки кои се стандардни, но, и ротирачките, не гласаа против и со тоа ја поддржаа. Во меѓувреме, кога дојде таа резолуција да се гласа на самото Собрание, беа поднесени повеќе амандмани. Повеќето амандмани беа одбиени, а еден беше прифатен. Тогаш предлагачот САД, кој го има тоа право, со кого бевме целосно координирани, гласаше воздржано и ние гласавме воздржано. Жалам што политиката од оптика на топли песочни плажи и оптика овде од Македонија не е иста, па можеби некои од опозициските лидери сè уште живеат на топлиот песок и гледаат со тие очила, сè уште неразбудени дека се опозиција и долго ќе бидат опозиција, рече Мицкоски.
Реафирмирана поддршката за Украина
Од МНРиНТ преку соопштение реагираа дека Филипче изнел низа навреди и неодговорни и произволни заклучоци. Оттаму велат дека со гласањето земјава ја реафирмирала цврстата поддршка за Украина и изразила силна почит, солидарност и одговорност кон украинскиот народ и неговите напори за обезбедување траен мир и целосна заштита на територијалниот интегритет, суверенитетот, независноста, слободата и демократијата.
-Очигледно, за СДСМ поважна е дневната политика, отколку долгорочните државни интереси и долгорочното зацврстување на меѓународната позиција на Република Северна Македонија. Во наведениот контекст уште еднаш повторуваме дека неодамнешните одлуки во врска со гласањето на нашата држава за резолуции на Генералното собрание на Обединетите нации се донесени врз основа на редица остварени дипломатски контакти, темелно извршени анализи, спроведени домашни консултации, усогласеност со утврдените позиции на влијателните меѓународни чинители и во координација со нашиот стратешки партнер – Соединетите Американски Држави. Уште поважно, тие ја потврдуваат стратешката ориентација на нашата држава кон градење стабилна и предвидлива позиција на меѓународната сцена, како и зајакнување на односите со нашите стратешки партнери. Честите посети на највисоко и високо политичко ниво во САД се потврда за нашата цврста заложба за зајакнување на партнерството и билатералната соработка со САД. Таквите засилени дипломатски активности дополнително ја потврдуваат и нашата понатамошна посветеност во правец на целосна усогласеност со Заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија, како и силната приврзаност кон процесот на европска интеграција – кој останува еден од највисоките надворешно-политички приоритети на државата, стои во соопштението од МНР.
Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ реагираа дека Филипче „не знае како и зошто гласала Македонија во Обединетите нации а држи прес конференции за тоа“.
-Она што Филипче не го знае и што е единствена вистина е дека Македонија и САД гласаа унисоно. Односно исто како и САД, Македонија гласаше воздржано за резолуцијата откако претходно беа прифатени амандмани кои не беа на линија со резолуцијата која беше коспонзорирана и произведена од нашиот стратешки партнер САД, соопштија од владејачката партија.
Македонија беше коспонзор на резолуцијата што ја поднесоа САД во Генералното собрание на ОН за Украина. Во оваа резолуција, досегашната терминологија за воена агресија од страна на Русија беше заменета со воен судир и конфликт и беше помалку критички настроена кон руската инвазија врз Украина. Ваквиот чекор од страна на САД испровоцира контрарезолуција од Украина и ЕУ предводена од Германија и Франција, чиј текст беше со строга реторика кон Москва. По дополнувањето на американската резолуција со формулација, која јасно укажува дека Русија извршила инвазија на својот помал сосед, кршејќи ја Повелбата на ОН, подносителот САД, како и Македонија како коспонзор гласаа воздржано. Неколку часа по гласањето во Генералното собрание на ОН, Советот за безбедност ја прифати американската резолуција за Украина, со која се бара прекин на војната во Украина без да се спомене руската агресија. (В.С.Н.)