Аутфитот на филмските ѕвезди и годинава беше симбол на високата мода, но и личниот стил којшто задолжително ги надминува моменталните модни трендови

Гламур, стил и престиж… Ѕвездите од филмската индустрија и годинава го зачуваа својот најдобар изглед за најочекуваната филмска церемонија во светот – доделување на „Оскарите“. На овој најголем и најпознат филмски настан, кој завчеравечер, по 97. пат се случуваше во театарот Долби, во Лос Анџелес, очите на присутната публика беа вперени во нивните омилени актери, режисери и сите оние кои ја создаваат филмската магија. Моментот, кој на оваа церемонија со нетрпение беше дочекан, секако беше нивната прошетка по црвениот тепих. Во оскаровски аутфит, подготвуван и осмислен со месеци однапред, тие одеа по златните статуетки… Некои од нив успеаја да ги подигнат Оскарите гордо над својата глава, некои не, но она што сигурно ќе се памети во наредниот период е нивниот аутфит. Тој и годинава беше симбол на високата мода, но и личниот стил што задолжително ги надминува моменталните модни трендови.

А во центарот на вниманието на оваа вечер беше фустанот од најновата колекција на „Скиапарели“, прикажана на Париската модна недела, кој го носеше Ариана Гранде, номинирана за најдобра споредна женска улога во мјузиклот Wicked. Нејзината колешка Синтија Ериво, која глуми злобна вештерка во истиот филм, за својот аутфит буквално беше инспирирана од својата улога. Селена Гомез на црвениот тепих пристигна во фустан на „Ралф Лорен“, Деми Мур во модел на „Армани Приве“, а Зои Салдана, која доби Оскар за споредна женска улога, во филмот „Емилија Перез“, беше облечена во модел на „Сен Лоран“. Она што е интересно, е дека фустанот на Мајки Медисон, која доби Оскар за најдобра актерка за филмот „Анора“, кој е од колекцијата на „Диор“, се сметаше за „не толку среќен избор“…

Иако актерките на секое доделување на филмските награди имаат главна улога, сепак годинава беа коментирани и машки аутфити. Така, вообичаениот моден стил на Омар Аполо беше во центарот на вниманието на „Оскарите“. Пејачот носеше модел на модната куќа „Валентино“. Актерот од биографскиот филм за Боб Дилан  „A Complete Unknown“ Тимоти Шаламе, на црвениот тепих се прошета облечен во жолт костим од Живанши. Актуелниот крал на облекувањето, американскиот актер и режисер Колман Доминго, познат од филмот „Sing Sing“, на Оскарите 2025 носеше црвено сако со брош, соодветен ремен и црни панталони. Во елегантно издание се појави и „Спајдермен“, Ендрју Гарфилд, кој го смени традиционалниот црн костум за чоколадно-кафена боја. Гарфилд носеше костум од „Гучи“, со свилена кошула во слична нијанса.

Самата атмосфера на црвениот тепих, во која блескаа камерите, беше надополнета и со извици на воодушевување на нивните фанови. (Д.Т.)

 

ИЗДВОЕНИ