Македонскиот пливач Никола Ѓуретановиќ (16) имаше симболичен настап на Олимписките игри во Париз. Тој трката на 400 метри слободно ја исплива со време од четири минути, пет секунди и 38 стотинки, недоволни за настап на главната трка. Ѓуретановиќ има само 16 години и беше првиот македонски спортист кој се појави на Игрите оваа година, а по трката истакна дека имал многу трема за време на настапот.

  • Имав трема пред трката. Моите години го сторија своето. Бев многу возбуден. Сепак ова е големо искуство за мене. Секако, дека ќе се прикажам во подобро светло на следните големи натпреварувања, изјави Ѓуретановиќ.

Својот настап на Олимпијадата го заврши и стрелачката Анастасија Мојсовска, која не се пласираше во финалето на дисциплината воздушна пушка на 10 метри.

Дваесет и двегодишната Мојсовска оствари вкупен резултат од 625,3 поени по шесте серии пукање во квалификациите, со што го зазеде 31. место во конкуренција на 43 натпреварувачки. Овој резултат е послаб од нејзиниот личен рекорд од 628,8 поени.

  • Позади нас оставивме европски и светски прваци како што се Чешка, Велика Британија, САД, Германија, Бразил и други. За влез во финалето беа потребни 631,3 кругови, односно ни фалеа само шест круга, изјави селекторот Тасевски.

Првото место го освои Јужнокорејката Хјоџин Бан со 634,5 поени, што е нов олимписки рекорд во квалификациите.