Ѓорѓиевски: Поразително е за метропола да прифати милостина ако градоначалничката не го решава проблемот со јавниот градски превоз

2272

По информацијата дека град Белград ќе му отстапи на Скопје и на други градови во Македонија половни автобуси, од марката „соларис“, со цел да се направи простор српската метропола да се поднови со нови автобуси на гас од Турција, градоначалникот на Општина Кисела Вода, и претседател на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, рече дека од една страна тој потег го гледа позитивно, во насока на подадена рака. Но, од друга страна, Ѓорѓиевски вели дека тоа говори за несериозниот пристап на скопската градоначалничка кон решавање на хаосот во градскиот превоз во главниот град, предизвикан од недоволниот број на автобуси.

– Поразително е за нас како Скопје, како метропола, милостина да прифаќаме кога скопската градоначалничката Данела Арсовска не сака да го реши проблемот со јавниот градски превоз. Сметам дека Арсовска треба да има посериозен пристап кон проблемот, со недостигот на автобуси. Секој друг коментар е вишок. Мислам дека на граѓаните им е јасно – истакна Ѓорѓиевски.

Миќо Стојановски од Синдикатот во ЈСП, за весникот ВЕЧЕР, истакна дека нема теорија да се случи да добиеме автобуси од Белград.

– Скопската градоначалничка треба за тоа да потпише договор, а тоа ќе се случи на „куково лето“ – дециден е Стојановски. 

Од друга страна, тој се прашува како би се одржувале тие автобуси кои се стари  15 до 20 години.

– Ова нема врска со вистината. Тоа е патка и хајка што ја водат одредени владини и невладини институции и организации. Целта е секој ден на граѓаните да им се труби, со цел да се оттргнат од вистинските проблеми во државата – вели Стојановски.

Од српскиот НВО „Центар за локална самоуправа“ велат дека градскиот превоз во Белград е во криза. Според нив и граѓаните на Белград се незадоволни од белградскиот превоз. Автобусите „соларис” се зглобни автобуси дизајнирани за јавен градски превоз, кои се изработуваат во Полска. Од невладината организација изразија сомнеж дека мотивот зад донацијата е создавање простор да се увезат турски автобуси на гас кои ќе возат по белградските улици.

(А.П.)