Ѓорѓиевски ќе побара засилени полициски патроли во Расадник

144

Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, ќе побара засилени полициски патроли и контроли во општината, откако во Расадник вчера биле запалени три возила, а пред две недели имаше пожар во Расадник.

– Во координација со Министерството за внатрешни работи беа побарани засилени полициски патроли и контроли на територијата на Расадник, во близина на ООУ „Невена Георгиева Дуња“ и ООУ „Круме Кепески“. МВР трага по сторителот и веруваме дека ќе има брза разрешница и на овој изолиран случај – изјави Ѓорѓиевски за весникот ВЕЧЕР.

Во пожарот во кој беа запалени возилата се случил во пет наутро. Цел на подметнувачот бил автомобил на суспендиран полицаец од Кумановско, но како колатерална штета се нашле и двата други паркирани до неговиот. За среќа нема повредени, а пожарникарите го локализирале пожарот. Случајот го потврдија од полицијата, а властите извршиле увид на местото на настанот.

Според неофицијалните информации на жителите, пожарот го предизвикал малолетник кој носел црна маска.

Ова не е прв случај на палење на автомобили во Расадник. Пред неполни два месеци имаше уште еден ваков инцидент, токму на истото место каде што вчераутро беа запалени овие автомобили.

Пред две недели, пак, изгоре голема површина од Расадник, а од МВР утврдија дека за предизвикување на пожарот се виновни три деца оти фрлале петарди. Кривично од тројцата ќе одговара само еден оти има 14 години, а другите две деца имаат под 14 и согласно со законот не подлежат на кривична одговорност.

(А.П.)