Оваа великодушна и дарежлива жена е позната и по тоа што плете кукли според јапонската техника амигуруми за изработка на тродимензионални фигури, од памучен конец, меки на допир и безбедни за малите деца, кои не ги продава, туку ги подарува на роднини и на пријатели.
– Повеќе ги работам дома. Тоа е многу бавен процес. Се прават по шема. Ликот го правам како да е вистински и тие сè во разни бои. Едни кукли се со жолти коси, други со црни. Така, кога ја правев Пипи Долгиот Чорап, ѝ направив портокалова коса, каква што ѝ е вистинската – објаснува Султана.
За нив, таа прави посебно облека и чевлички
Кога Султана Костовска раскажува за своето хоби и пасија, пред вас оживува приказната на италијанскиот писател Карло Клоди, за мајсторот Ѓепето и неговата кукла Пинокио. Разликата е во тоа што нејзините кукли не се од дрво туку се раѓаат со плетење од нејзините вешти раце и не прават палавштини како Пинокио, туку со нив им помага на лицата од трето доба.
Султана плете и шалчиња и капи и џемпери, но позната е по тоа што плете кукли според јапонската техника амигуруми за изработка на тродимензионални фигури. Интересно е тоа што таа не ги продава, туку ги подарува.
Нашата седумдесетгодишна соговорничка е една од повеќето жени што ги поминуваат пензионерските денови во Дневниот центар за стари лица во Црвениот крст на Град Скопје, кој е сместен во Домот на хуманитарните организации „Даре Џамбаз“.
Седум години веќе е во пензија, а последните три посветено им помага на другите лица во третата доба што немаат доволно финансиски средства, изработувајќи плетени капи, шалови, беџови, сега и елки, од волница, украси, Дедомразовци, еленчиња, ангелчиња, кои потоа се продаваат по минимални цени, на организираните базари. Од средствата што ќе се соберат од продажбата, се купуваат лекови и други работи што им се потребни на старите лица во социјален ризик.
– Гледав на телевизија емисија за лицата од третата доба и тоа ми даде мотив да појдам во Црвениот крст и да се зачленам во креативната и во шивачката група. Имаме работилници секои понеделник и среда. Освен што плетеме и шиеме, ние и се дружиме. Одиме и организирано на прошетки во Катланово, на Водно, Демир Капија. Овде убаво ми поминува времето, убаво ми е на душата. Тоа ме исполнува и ми причинува задоволство – нагласува Султана.
Во шивачката работилница шијат перничиња, разни украси, зајачиња.
Таа раскажува дека плете уште како дете.
– Научив да плетам од баба ми и од мајка ми. Почнав да купувам списанија за плетење и си го проширував знаењето. Интензивно плетам откога се пензионирав. Претходно си плетев џемпери за себе, за децата – вели Султана.
Позната е и по тоа што плете кукли според јапонската техника амигуруми за изработка на тродимензионални фигури. Амигуруми е јапонска техника што во буквален превод значи плетена, полетна кукла. Амигурумите може да се разликуваат по големината. Таа објаснува дека се применува плетење во круг, дека потоа се полнат формите со полнеж и вели дека црпи инспирација од секојдневието, но и од Интернет.
– Обично се плетат животни, куклички, разни видови овошје и зеленчук. Но, нив повеќе ги работам дома. Тоа е многу бавен процес. Се прават по шема. Ликот го правам како да е вистински и тие сè во разни бои. Едни кукли се со жолти коси, други со црни. Така, кога ја правев Пипи Долгиот Чорап, ѝ направив портокалова коса, каква што ѝ е вистинската – објаснува Султана.
За нив, таа прави посебно облека и чевлички.
– Да изработам една таква поголема кукла со облека, потребна ми е една недела, додека за помалите – три-четири дена. Правам и играчки, зајачиња, мечиња. За нив ми се потребни два-три дена – нагласува Султана.
Овие кукли и играчки таа ги изработува исклучиво од памучни конци, кои се меки на допир и безбедни за малите деца.
– Конците ги купувам од продавницата на „Тетекс“ на „Рекорд“, а има и продавница во Тафталиџе, од каде што ги набавувам и очите за куклите. Изработката на овие кукли многу ме смирува – потенцира Султана.
Досега има направено околу 30 кукли и петнаесетина веќе има подарено.
Интересно е тоа што таа не сака да ги продава овие кукли.
– Ги подарувам на роднини, на пријатели. Тие се воодушевени од изработката и кога ќе ме прашаат колку чинат, јас не можам да им кажам, само им ги подарувам. А, тие се чудат, бидејќи за нивната изработка се потребни трпение и време. Исто така, и синовите, кога одат на родендени, бараат од моите кукли за да однесат како подарок. Јас со задоволство ги давам – се смешка великодушната и дарежлива Султана.
(А.П.)