Екипите на Барселона и на ПСЖ се првите полуфиналисти на најквалитетното фудбалско натпреварување, Лигата на шампионите. Двата фудбалски гиганта речиси сигурно обезбедија пласман меѓу четирите најдобри, иако реванш-дуелите што ги одиграа на гости, можеа да имаат сосема поинаков биланс, особено тоа важи за парижани.

Избраниците на Луис Енрике имаа предност од два гола по само половина час игра на реваншот на гости, против Астон Вила, но домаќинот успеа во наредните 30 минути целосно да го сврти резултатот во своја корист и да поведе со 3:2. Сепак, и покрај канонадата пред голот на Џанлуиџи Донарума, не успеаја да постигнат уште еден гол, кој ќе ги одведеше во продолжение.

  • Бевме премногу самоуверени, направивме работи што не требаше да ги направиме. Во одреден момент, се тресевме од страв и примивме два гола за три минути, но мислам дека заслуживме да се пласираме понатаму – изјави Луис Енрике.

Што се однесува до вториот натпревар, екипата на Барселона ја заврши работата уште во Каталонија, кога го совлада Дортмунд со 4:0, па мечот во Германија требаше да биде само формалност. Домаќините се надеваа на големо изненадување со двата гола на Гираси во 11. и во 49. минута, кога поведоа со 2:0, но Бенсебаини со автогол ги сруши сите нивни надежи. Пред крајот, Гираси го постигна третиот гол за конечни 3:1.

  • Напредувавме, и тоа беше нашата цел. Фантастично е да се најде клубот во полуфиналето на Лигата на шампионите. Тоа е голем успех и многу сме среќни поради тоа. Игравме против голема екипа како Борусија од Дортмунд, која ни го направи животот потежок од очекувањата. Единствено важно е што сме во полуфиналето. Мораме да гледаме на позитивните, а не на негативните работи. Имаме одличен тим, кој игра брилијантно досега и тоа е она што е важно. Мора да продолжиме да го правиме она што го правевме. Имаме големи предизвици пред нас – истакна Ханси Флик, тренерот на каталонскиот гигант.

Инаку, Гираси имаше маестрална вечер во која собори неколку рекорди. Имено, тој стана првиот африкански фудбалер што запишал хет-трик во ЛШ, а покрај тоа, и прв играч што ѝ дал најмногу голови на Барса во една сезона на најквалитетното клупско натпреварување. Покрај овие рекорди, тој ги мина и Ерлинг Халанд и Роберт Левандовски по бројот на голови за Дортмунд во една сезона на еминентното натпреварување, вкупно 13. Претходно, споменатите двајца фудбалери имаа по десет гола на своето конто за овој тим. Инаку, германски „Билд“ откри дека откупната клаузула на неговиот договор изнесува 70 милиони евра, што е „ситница“ за големите европски гиганти, кои, несомнено, ќе се обидат да ги осигурат неговите услуги во текот на летниот трансфер-рок.

 

ИЗДВОЕНИ