Илина Арсовска, ученичка во втора година во гимназијата „Гоце Делчев“, ќе ја претставува државата на Европска женска математичка олимпијада, која годинава ќе се одржи во Приштина, информираа од гимназијата.
На натпреварот ќе учествуваат 60-мина математичари од речиси сите држави на Европа, но и од Јапонија, Австралија и од други земји. –- Беше тешко и напорно да се дојде до оваа позиција. Морав да почнам со циклусот натпревари на ниво на Градот Куманово, општинскиот натпревар. Понатаму се пласирав на регионалниот натпревар, значи целиот регион, а оттаму се квалификував на државниот. Следуваше Јуниорската математичка македонска олимпијада и оттаму се избираа учесниците, кои одат на шестото издание на меморијалниот математички натпревар „Александар Блажевски-Цане“, кој се одржа викендот, 25-26 јануари 2025 година, во просториите на Природно-математичкиот факултет во Скопје – изјави ученичката Арсовска.
Таа прв пат се натпреварува на овој натпревар, во категорија сениори. Нејзината менторка, професорката Валентина Каранфиловиќ, вели дека таа е најмлад натпреварувач во оваа категорија и иако е втора година на натпреварот на Математичката олимпијада, ќе има и задачи од четврта година.
– Темелно се подготвуваме, очекуваме медал – изјави професорката Каранфиловиќ.
Арсовска од најмала возраст е вљубеник во математиката. Како што раскажува самата, ја мотивирал успехот од првиот натпревар во основно училиште. Таа освојуваше признанија од Куманово, земјава, Европа и добитник е на бронзени и на сребрени медали на европско ниво.