Пред повеќе од десет години, насловните страници на релевантните медиуми во Европа беа исполнети со група земји означени со навредливиот, понижувачки, исмејувачки и злонамерен акроним ПИГС. Тоа беше кратенка за Португалија, Италија, Грција и за Шпанија, што во превод значи свињи.
Тие земји потоа се мачеа да им докажат на сомнителните остатоци од т.н. развиен свет дека може да се има доверба во нивната кредитна способност, сето тоа во услови во кои акронимот ПИГС стана многу прифатен.
Сепак, како што оценува сега „Фајненшл тајмс“ во својата анализа, тоа било фраза што сама по себе звучела безболно со оглед на коренот на нејзиното потекло. Она што навистина болеше е како, всушност, беа перципирани тие земји. Тие беа сфатени како европска „периферија“.
Со илјадници години, медитеранскиот свет го гледаше поголемиот дел од она што се случуваше северно од Алпите како нешто споредно и случајно. Сигурно беше многу болно кога стана таа парадигма обратна и кога, наместо северот, југот на Европа одеднаш се најде во позиција да мора да биде понижен.
Но, работите се сменија. Сега дојде на ред своевидна одмазда на Медитеранот. Според „Економист“, лани Шпанија била најуспешната богата земја во светот. Кон крајот на минатата година, Грција се задолжуваше исто толку евтино како Франција, а Португалија расте побрзо од Германија пред пандемијата. Економските бројки, сигурно, ќе се менуваат и ќе флуктуираат нагоре и надолу, но она што нема да се промени, според авторот Џанан Ганеш, е постепеното поместување на политичката моќ кон југот на европскиот континент. На пример, италијанската премиерка Џорџа Мелони беше единствената од европските лидер што присуствуваше на инаугурацијата на Доналд Трамп.
Јужната граница на континентот сега има стратешка вредност и важност, што беше тешко да се замисли кога беше основана ЕУ.