Ги следиме цените, ако треба – ќе ги ограничиме, вели Мицкоски

14

Цените на прехранбените производи се следат и ако е потребно, ќе интервенираме со нивно ограничување, иако не сакаме да го сториме тоа, порача премиерот Христијан Мицкоски. Тој оцени дека сме ја завршиле 2024 година со 3,5 отсто инфлација, а годинава, како што напомена, треба да биде добра на економски план.

Мицкоски, во однос на цените на производите, потсети и дека во земјава не беше поскапена струјата како во некои од државите на еврозоната, каде што поскапувањето достигна од 15 до 20 отсто, што, нагласи, влијае врз цените на крајните производи.

– Полека, но сигурно, во втората половина од декември се стабилизираа цените на основните производи, кои дел од трговците вештачки ги поткренаа, што претставуваше голем шок и удар за граѓаните. Преку Инспекторатот, внимателно ја следиме состојбата и ќе интервенираме ако е потребно, можеме да интервенираме веднаш со ограничување на цените, но сакаме да не го употребиме тој инструмент. За разлика од еврозоната, каде што поскапувањето на струјата беше 15-20 отсто во некои држави, ние не ја зголемивме цената на електричната енергија, која значајно влијае врз цената на чинење на готовиот производ – истакна Мицкоски.

Тој напомена дека се преземаат сите мерки за стандардот на граѓаните да биде добар, а најави и раст на платите.

ИЗДВОЕНИ