Актуелниот процес за измени на Законот за локална самоуправа, децентрализацијата, како и можностите за надминување на одредени проблеми со кои се соочува Општината Чаир поради игнорантскиот однос на Град Скопје и евентуалните измени на Законот за Град Скопје биле главните теми за кои било дискутирано вчера, меѓу министерот за локална самоуправа – Златко Перински, неговиот заменик – Ерџан Селими и градоначалникот Висар Ганиу, при посетата на оваа локална самоуправа, како дел од теренските посети на општините „Каде што срцето е дома“.
Министерот Перински истакна дека Општина Чаир е еден од важните симболи на мултиетничката и мултикултурна традиција во Скопје, а истовремено и специфична по други околности.
– Општина Чаир брои 63.000 жители, а се простира на само 3,5 квадратни километри, што значи многу жители на мала територија, што само по себе е предизвик да се почитуваат потребите на граѓаните во целост. Ние, како Министерство и како Влада, продолжуваме да работиме заедно со општините на создавање услови за подобар живот за сите наши граѓани, без разлика на нивната етничка или верска припадност. Најважно од сè е да ги решаваме предизвиците што ги наметнува урбаното живеење, да ги слушаме потребите на граѓаните и да инвестираме за да се надминат сите предизвици – изјави Перински.
Тој, меѓу другото, нагласи дека за да функционираат сите процеси во Градот Скопје, потребна е комуникација меѓу градоначалниците и градоначалникот на Скопје на дневна основа, што, според него, сега не постои, но очекува да се смени тоа од ноември, по локалните избори.
– Најголем проблем што го прави Градот Скопје за општините во рамките на Скопје е опструкцијата на секое ниво и, во суштина, оние средства што се влеваат во касата на Градот Скопје, а потекнуваат од локалните самоуправи на територијата на Скопје, несразмерно се инвестираа. Ние мораме да најдеме механизам, мораме да најдеме некоја формула што од одредена сума, од одредена количина средства што од локалните самоуправи влегуваат во Градот Скопје, одреден процент од нив да се враќаат во локалните самоуправи за да им се даде комодитет на градоначалниците самостојно да инвестираат во повеќе инфраструктурни проекти. За жал, комуникацијата со Градот и на градоначалниците, но и на претставниците од централна власт, не можам да кажам дека е отежната, туку ќе бидам директен и ќе кажам дека не постои, и тоа не постои поради една страна, а тоа е Градот Скопје и јас сум убеден дека ќе се подобри тоа по ноември – рече Перински.
Градоначалникот Ганиу додаде дека периодов имале многу средби на кои било дебатирано за измените на Законот за локална самоуправа.
– Верувам дека заеднички ќе создадеме закон што ќе овозможи пофункционални општини за доброто на граѓаните. Соработуваме и по основ на јавните повици за финансиска поддршка на општински проекти. Веќе 100 отсто ни се исплатени средствата за проектите од првиот повик, а се подготвуваме да аплицираме со 25 проекти на вториот повик. Оваа Влада со дела покажа дека не ги дели општините по ниту еден основ, туку искрено е фокусирана на надминување на предизвиците со кои се соочуваат општините и граѓаните, со желба за поголем развој и напредок на сите локални самоуправи – потенцираше Ганиу.
Посетата на министерот Перински на Општина Чаир продолжува и утре, со средба со сите заинтересирани граѓани, претставници на невладини организации, спортски и културни работници, кои сакаат да дадат свои предлози и сугестии во насока на поголем напредок на Општината. Средбата ќе се одржи во 18:30 часот, во ОУ „Исмаил Ќемали“.
Перински и Ганиу ќе ги чекаат анкетите на своите партии за да видат дали ќе ги кандидираат на локалните избори
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, и градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу, ќе ги чекаат анкетите што ги спроведуваат нивните матични политички партии за да видат дали ќе ги кандидираат нивните партии на локалните избори, кои треба да се одржуваат есенва.
При денешната посета на Општина Чаир, Перински, во изјава за медиумите, рече дека уште е рано, но оти е потенцијален кандидат за градоначалник на Град Скопје.
– Времето ќе покаже. Сè уште е рано. Апсолутно дека сум потенцијален кандидат за градоначалник. Но, сè уште нема конечна одлука. Ќе видиме во која насока – нагласи Перински.
Ганиу изрази убедување дека кој и да биде кандидат за градоначалник на Општина Чаир, кандидатот на Влен ќе биде квалитетен и способен да ја води Општината на најдобар можен начин.
– Секој што ќе биде избран за да биде кандидат во иднина, јас сум убеден дека ќе биде вистинскиот кандидат да им служи на сите граѓани – дециден е Ганиу.
(А.П.)