Утре истекува мерката за ограничување на маржите на основните прехранбени производи. Од власта велат дека досегашните резултати се добри, а конечната одлука за евентуално продолжување на мерката ќе биде донесена доколку има потреба. Заменик-министерот за економија, Марјан Ристески, се надева дека учесниците во трговскиот синџир ја научиле лекцијата и ќе го стават животниот стандард на граѓаните во преден план. Пред два дена, министерот за економија, Бесар Дурмиши, рече дека ќе има ограничување на маржите за речиси сите производи доколку, по завршувањето на мерката, маркетите енормно ги зголемат цените.
– Ако има девијантно однесување од маркетите или ако енормно ги зголемат цените, ќе има поригорозни мерки од сегашните, односно со маржи, наместо 102 групи производи колку што се сега, ќе ги опфатиме речиси сите производи што ги има во синџирите маркети – рече Дурмиши.
Од Министерството за економија велат дека по еден месец од спроведувањето на мерката за онлајн објавување на цените, ќе се сублимира искуството и ќе се оди на креирање општа веб-страница или збирна информација за цените.
Претседателката на Организацијата на потрошувачи на Македонија, Маријана Лончар-Велкова, истакна дека граѓаните се бунат при пребарувањето по повеќе онлајн списоци од различни маркети за да ги најдат потребните производи.
– ОПМ досега нема добиено конкретни поплаки од граѓаните во врска со онлајн цените објавени од маркетите, но постои потреба од подобрување на нивната прегледност и препознатливост на производите. Граѓаните се бунат при пребарувањето по повеќе онлајн списоци од различни маркети за да ги најдат потребните производи – вели претседателката на ОПМ.
Според Лончар-Велкова, потребен е развој на компаративна алатка, која би можела побрзо да се развие со помош на вештачката интелигенција и која ќе овозможи унифициран и прегледен приказ на цените по групи и видови производи.
Од Министерството за економија информираат дека е прикрај изработката на просечната потрошувачка кошничка и оти податоците од кошничката ќе се користат исклучиво за креирање квалитетни економски политики за заштита на животниот стандард, а не за креирање на јавното мислење.