Конфликтите често се придружени со високи тензии и импулсивни реакции, каде секој се обидува да го искаже својот став, заборавајќи дека и другата страна сака да биде слушната и разбрана.
Емпатијата и внимателното слушање се клучни за деескалација на тензиите и наоѓање заеднички јазик.
Психологот Марк Траверс тврди дека истражувањата покажуваат дека „емпатичното парафразирање“ може значително да помогне да се смири расправијата и да се создаде подлабоко разбирање меѓу соговорниците, пренесува Телеграфи.
Тој сподели два начина за смирување на конфликтот во секоја врска, без разлика дали е романтична или семејна.
Слушајте активно пред да одговорите
„Емпатичното парафразирање започнува со вистинско слушање, без прекинување или планирање одговор. Важно е да се прераскаже содржината на она што го кажува другиот и да се препознае емоцијата зад тоа.
На тој начин, покажувате дека слушате на когнитивно и емоционално ниво, што ја намалува одбранбеноста и помага да се смири напнатоста“, изјави Траверс за Psychology Today.
Поттикнете дијалог со почит
Ако не сме сигурни што навистина чувствува другата личност или зошто е вознемирена, поставувањето на појаснувачки прашања може да спречи недоразбирања.
„На пример, ако одговорите нешто како: „Звучи како да чувствувате дека вашите придонеси не се ценети“, покажувате интерес за нивната перспектива и ги поканувате да споделат повеќе за нивните чувства, што го олеснува разбирањето и решавањето на конфликт“, објаснува психологот.
Така, способноста да се слушаат и препознаваат емоциите е уште еден важен чекор кон решавање на недоразбирањата. На овој начин конфликтите стануваат можности за зајакнување на односите и подлабоко разбирање.