Министерот за спорт и туризам, Борко Ристовски, заедно со градоначалникот Андон Сарамандов и во присуство на граѓани на Општина Гевгелија, вчера ја пушти во употреба новата атлетска патека во Гевгелија. Овој проект, вреден 7.750.000 денари, претставува значајна инвестиција во спортската инфраструктура на Општина Гевгелија.
При отворањето, градоначалникот Сарамандов истакна дека за прв пат во својата историја Гевгелија добива атлетска патека по сите светски стандарди.
– Оваа патека, која беше заеднички проект на Општината и на атлетскиот клуб „7 Ноември“, ќе може да ја користат сите граѓани, а особено младите, знаејќи колку е важна атлетиката за физичкиот и за психичкиот развој на младата популација – рече Сарамандов.
Министерот Ристовски потенцираше дека со големо задоволство ја отвора оваа атлетска патека, која на сегашните и на идните генерации атлетичари, рекреативци и љубители на спортот ќе им овозможи подобри услови за тренинг и за натпреварување.
– Ова е уште еден доказ за посветеноста на Министерството за спорт и туризам кон унапредувањето на спортот и создавањето подобри услови за сите граѓани – изјави Ристовски.
Изградбата на атлетската патека во Гевгелија е еден од капиталните проекти на Министерството за спорт и туризам и е дел од пошироката стратегија за развој на спортската инфраструктура во целата земја.
(Љ.А.)