Доколку дел од овие приказни за луѓе, настани и воопшто случувања во Гевгелија ве потсетат или, пак, ви овозможат да откриете многу повеќе или нешто непознато за овој град, тогаш оваа книга ја оправдува својата цел, емотивно заврши авторот во своето обраќање на промоцијата на книгата која се одржа во рамките на манифестацијата „Гевгелија – град на културата за 2025 година“
Во рамките на манифестацијата „Гевгелија – град на културата за 2025 година“, неодамна беше промовирана книгата „Гевгелија порта кон Европа“ на политикологот и новинар Кире Јанишлиев. Станува збор за издание во коешто се опфатени новинарски статии за неговата родна Гевгелија, а објавени во најстариот печатен весник во државава, „Нова Македонија“.
Пред големиот број присутни, во салата на хотелот „Аполонија“, свои обраќања имаа професорот и новинар Тони Аврамов и археологот кустос-советник во пензија, Бобан Хусеновски.
Аврамов, во своето обраќање истакна дека секоја напишана статија на Кире Јанишлиев е испреплетена со факти и истражување, она што денес секој новинар треба да го знае и применува. Оваа книга, истакна Аврамов, не е само читанка за Гевгелија, туку таа, во некои текстови, ја надминува голата информација и навлегува во книжевни експресии кои ја доловуваат сликата на едно минато и на еден град низ колоритното раскажување на неговите граѓани.
Археологот Хусеновски, пак, говореше за неговата соработка со Јанишлиев како директор на „Народниот музеј“ околу текстовите кои се однесуваа за системските истражувања на археолошкиот локалитет Вардарски Рид. Јанишлиев, потенцираше Хусеновски, беше единствениот новинар кој имаше храброст да пишува за вандалското уништување на локалитетот со изградбата на новиот автопат Скопје-Гевгелија. Тоа го покажа неговиот интегритет и храброст како новинар, заклучи Хусеновски.
Инаку, предговорот за оваа книга го напиша некогашниот генерален директор на НИП, кој меѓу другото ќе напише:
„Иако, од релативно мало место, Јанишлиев во „Нова Македонија“ ја издигна Гевгелија на пиедестал рамен на два-три поголеми македонски градови. По бројот на текстовите што ги има објавено, по големата професионална поставеност, по разнообразноста на објективноста на она за што пишуваше, по објективноста и по одговорноста кон пишаниот збор, Кире Јанишлиев денес може да биде вреден пример за младите таленти, кои се вљубени во новинарството и кои стремат кон оваа сложена професија. Вести, проширени информации, хроники, репортажи од градот и за градот им беа презентирани на читателите низ Македонија. Низ еден широк опсег, преку текстовите на Јанишлиев заинтересираните дознаваа за настани уште од постанокот на Гевгелија и на нејзината околината до годините на нашето совремие. Низ новински текстови, Кире ја напиша безмалку целата историја на својот роден град. Една од посебните рубрики по кои Јанишлиев ќе биде запомнат во аналите на македонското новинарство е туризмот. Неговите текстови беа практичен туристички дневен водич за македонските посетители на бреговите на Егејското Море.“
Пред присутните се обрати и самиот автор кој за својата книга истакна:
„Не се важни годините во твојот живот, туку животот во твоите години“, рекол Абрахам Линколн. А, еден поголем и значаен дел од мојот живот беше посветен на новинарството. Според многумина, а меѓу нив има и славни писателски имиња, новинарството е најдобрата професија на светот. Токму и затоа новинарството за мене претставуваше голем предизвик, но и одговорност да се пренесе вистината. За време на мојата петдецениска новинарска кариера пишував, истражував и коментирав за мојата родна Гевгелија, за сите случувања, кои низ годините придонесоа овој град да стане привлечно место за живеење. Секогаш раководен од новинарскиот предизвик – да се открива непознатото и да се афирмира познатото. Доколку дел од овие приказни за луѓе, настани и воопшто случувања во Гевгелија ве потсетат или, пак, ви овозможат да откриете многу повеќе или нешто непознато за овој град, тогаш оваа книга ја оправдува својата цел“, емотивно заврши Јанишлиев.
Кире Јанишлиев (1951) е роден во Гевгелија, каде завршува основно и средно образование. Во 1975 година, дипломира на Факултетот за политички науки – група Новинарство, на Универзитетот во Белград. Својот работен век го остварува како новинар во Радио „Гевгелија“ и „Нова Македонија“ и административен службеник во Општина Гевгелија. Добитник е на наградата „Крсте Мисирков“, највисоко државно признание во новинарството што го доделува ЗНМ за најуспешни новинарски трудови во печатот (1977), како и наградата „Нова Македонија“ за едногодишна новинарска дејност (1988). Јанишлиев е основач и уредник на првиот независен весник во Гевгелија „Гевгелиска јавност“ (1994-1996), уредник на весникот „ЗИК Винојуг“ (1975- 1978), како и повеќегодишен уредник на месечникот „Гевгелија инфо“ (2004), којшто подоцна се преименува во „Гевгелиски магазин“ во издаваштво на Општина Гевгелија.
Промоцијата беше збогатена со читање на извадоци од книгата во интерпретација на Петар Јанчев како и настап на младите музичари од музичкото училиште „Васо Карајанов“.
(Љ.А.)