Во Гевгелија се одржа прес-конференција по повод завршните турнири од кошаркарскиот  Куп „Благоја Георгиевски – Буштур“ за 2025 година, во машка и женска конкуренција. Организаторите, екипата на КК Кожув и општина Гевгелија најавија дека се е подготвено овој викенд Гевгелија да биде во центарот на  кошаркарската јавност.

Претставниците на осумте екипи во машка, односно четири екипи во женска конкуренција, на прес-конференцијата ги искажаа своите очекувања за претстојните натпревари. Сите тие се подготвени спортски и до последниот свиреж на судијата да се борат за освојување на овој престижен кошаркарски трофеј.

Спортскиот директор на КФСМ, Марјан Србиноски, го предаде трофејот во трајна сопственост на КК МЗТ Скопје Аеродром, ланскиот освојувач на купот.

Четвртфиналните натпревари се на програмата денес, во спортската сала „26-ти Април“. Први на паркетот во 13:00 часот истрчаа екипите на ТФТ Скопје и Гостивар. Во 15:30 часот започнува дуелот помеѓу екипите на Пелистер и Чаир, а во вечерните термини, најнапред во 18:00 часот домаќинот Кожув се среќава со екипата на Куманово, додека за 20:30 часот е закажан дуелот на двете најтрофејни екипи, МЗТ Скопје и Работнички.

Полуфиналните натпревари се играат во петок во термините од 18:00 и 20:30 часот, додека финалето на Купот е на програмата во сабота од 19:30 часот.

Во женска конкуренција, во полуфиналните натпревари се среќаваат Крива Паланка-ЖКК Вардар и Баскет Кам 2011- ЖКК Бадел 1862.

Љубчо Алексовски

ИЗДВОЕНИ