„Целта е да создадеме програма која ќе го освежи културниот живот во овој град. Ова е момент кога сите ние, без разлика на нашите улоги, сме повикани да се обединиме околу идејата за културен напредок и иновација“, рече министерот Љутков, при денешната посета на Гевгелија, посочувајќи дека градот вторпат е носител на оваа манифестација по 2011 година

 

Гевгелија е „Град на културата“ за 2025 година, а со поддршка на Министерството за култура и туризам, од 3 милиони денари во текот на годината, ќе се реализираат 142 културни настани. Ова на денешната прес-конференција го објави министерот за култура и туризам Зоран Љутков. Тој посочи дека градот вторпат е носител на оваа манифестација по 2011 година, што пак, ја потврдува посветеноста како на локалната самоуправа така и на културните работници во областа на културата и уметноста. Тоа, исто така, додаде, е потврда дека Гевгелија, со својата богатa културна традиција, повторно ќе биде во центарот на културните настани во Македонија.

„Целта е да создадеме програма која ќе го освежи културниот живот во овој град. Ова е момент кога сите ние, без разлика на нашите улоги, сме повикани да се обединиме околу идејата за културен напредок и иновација“, рече министерот Љутков.

Градоначалникот на Општина Гевгелија, Андон Сарамандов, пак, заблагодарувајќи се за дадената доверба, Гевгелија да биде Град на културата за оваа година, рече дека општината ќе вложи 16 милиони денари во организација на квалитетна и богата програма со голем број културни настани од различни области, се разбира, заедно со културните институции на локално и државно ниво и во соработка со уметници, професори и културни дејци од општината. Овој добиен епитет, истакна Сарамандов, не е само чест туку и обврска за проширување на културната сцена, создавање нови можности за уметниците и културните работници како и заложба Гевгелија да биде уште поатрактивна дестинација на културата, а посредно и на туризмот во 2025 година.

Во текот на вчерашната посета на Гевгелија, министерот Љутков беше и во Старата чаршија во овој град, за чија комплетна реставрација, Владата инвестираше 40.675.095 денари.

„Со ова Гевгелија ќе добие нова визуелна и функционална димензија. Овие проекти ќе ја подобрат инфраструктурата и ќе создадат простор за културни настани и уметнички проекти, со што ќе се негува традицијата и ќе се поттикнат нови културни трендови, но исто така е важно и за развојот на туризмот. Гевгелија, со својата локација и природни убавини, привлекува голем број туристи. Сега, со статусот на Град на културата, ќе понуди нови искуства и можности за уживање“, посочи Љутков.

Тој, исто така, истакна дека манифестацијата „Град на културата“ е уникатна можност да се инспирираат и младите, да се охрабрат уметниците и да се промовира нашето културно наследство.

Заедно со своите домаќини, министерот беше во работна посета и на НУ Музеј Гевгелија, како и на библиотеката „Гоце Делчев“, каде што се запозна со работата на овие установи како и со нивните проблеми со кои се соочуваат во нивната секојдневна работа. Тој посети и една гевгелиска винарница и црквата „Свети Атанасиј“ во село Габрово.

ИЗДВОЕНИ