Гевгелија цела година ќе ја слави културата и уметноста – свечено отворена манифестацијата Град на културата 2025

604

Гевгелија во петокот навечер, на 11 април 2025 година, ги славеше културата и
уметноста. Со интонирање на македонската химна, како и со едноминутен молк за
настраданите во катастрофалниот пожар во Кочани, беше одбележан почетокот на
манифестацијата „Гевгелија-град на културата 2025“.

 

Голем број граѓани, културни работници и гости присуствуваа на отворањето на оваа
манифестација. Меѓу гостите го бележиме присуството на амбасадорот на Република
Туркије, Н.Е господин Фатих Улусој, шефот на економската канцеларија при
амбасадата на Република Грција, господин Дукас Маринопулос како и директорот на
Националниот џез оркестар, господин Гоце Стевковски.

 

Поздравувајќи ги присутните, министерот за култура и туризам, Зоран Љутков меѓу
другото истакна:

„Оваа манифестација не е само признание туку и можност. Можност да се поддржи
локалната културна сцена, да се привлече нова публика одблизу и оддалеку, да се
развие нова соработка и да се постави Гевгелија на мапата како културен центар кој
зрачи со енергија и оригиналност. Тоа е покана – за нова уметност, за свежи идеи, за
младинска енергија и за културен туризам што ќе го слави топлиот и автентичен дух
на Гевгелија.

Овде уметноста е таа што нѐ поврзува, туризмот ни го отвора градот кон светот, а
младите, пак, се нашата иднина.Затоа градот што многумина го нарекуваат и „порта
кон Европа“, всушност со својот потенцијал е и културна и туристичка порта кон нови
можности. Овде младите уметници имаат што да кажат, тука туризмот се спојува со
културата, овде преку креативноста се гради иднината.

Славејќи ја уметноста, ги славиме и историските траги и традиции на градот со силен
туристички потенцијал што треба максимално да се искористи. Гевгелија, со својата
стратешка позиција, може и мора да биде прва станица за сите што влегуваат во
нашата земја – и прва можност да се почувствува нашата културна посебност преку
гастрономијата, уметноста, виното и гостопримството.

Затоа, да ја отвориме вратата за уметниците, да создадеме нови културни мостови, да
го претвориме туризмот во доживување кое ќе раскажува приказни – преку музика,
слики, зборови и движење.“

Заблагодарувајќи се на укажаната доверба, Гевгелија по втор пат да биде
престолнина на културата, градоначалникот Андон Сарамандов истакна дека
општината ќе организира квалитетна и богата програма со голем број културни
настани од различни области, заедно со културните институции на локално и државно
ниво и во соработка со уметници, професори и културни дејци од општината.

„Овој добиен епитет, потенцираше Сарамандов, не е само чест туку и обврска за
проширување на културната сцена, создавање нови можности за уметниците и
културните работници како и заложба Гевгелија да биде уште поатрактивна
дестинација на културата, а посредно и на туризмот во 2025 година. Општина
Гевгелија, како и до сега, така и натаму, несебично ќе вложува во културата, особено
во младите творци.

Изминатите три години го обновивме детскиот фестивал „Калинка“, започнавме со
организирање на тридневниот фестивал „Вкуси го југот“, кој полека станува бренд на
нашиот град, по трет пат оваа година ќе се одржи и „Гевгелиско културно лето“ со
културни настани во летниот период, а по втор пат, се одржува меѓународниот
натпревар во модерен танц „Гевгелија Денс“ каде настапуваат над 600 млади од
земјава и од странство. Посебно би ја издвоил работата на големиот број Културно
уметнички друштва од општината кои се нашите најдобри културни репрезенти.“, рече
Сарамандов.

Потоа присутните го проследија Концертот на Националниот џез оркестар, кој под
диригентската палка на Џијан Емин, изведе незаборавни хитови и поп-евергрини од
македонската и светската музичка сцена, специјално аранжирани со нов, уникатен звук за оваа пригода. Чувме широк избор на композиции, почнувајќи од македонскиот
шлагер „Рандеву“ на Катица Ѓаконовска, па се до „ Ai no Coridа“ na Квинси Џонс во
изведба на вокалните солисти: Андријана Јаневска, Светлана Јовановска, Дејан Бобиќ
и Калина Велковска.

Да го истакнеме и тоа дека на свеченото отварање претходеше дефиле, во кое што
учествуваа на стотина дечиња вклучени во активностите од областа на културата што
се реализираат во ЈОУ Пионерски дом „Јосип Броз Тито“- Гевгелија- Драмската
секција, Ликовната секција, Секциите за тапан и гитара, членовите на Детскиот
фестивал „Калинка“, Ансамблот „Бојмија“ и Танцовото студио „Мистик.“

Љ.А.

ИЗДВОЕНИ