Германскиот суд пресуди: Дубаи чоколадото е само она кое се прави во Дубаи

39

Чоколадото од Дубаи е само она што се прави во Дубаи, одлучи регионалниот германски суд во Келн во процесот против ланецот супермаркети Алди.

Судот пресуди дека Алди повеќе не може да им го нуди на клиентите својот производ произведен во Турција, кој го нарекува Дубаи чоколадо, пренесува Tageschau.

Алди тврди дека на задната страна на производот пишува дека потекнува од Турција, но судот не го прифатил овој аргумент бидејќи името на производот „Alyan Dubai Handmade Chocolate“ може да ги збуни потрошувачите и да ги наведе да заклучат дека чоколадото е направено во Дубаи.

Тужбата ја поднесе увозникот на кондиторски производи Андреас Вилмерс, кој продава чоколадо „Фекс“ направено во Дубаи во Германија.

Вилмерс во декември покрена слични тужби против синџирот супермаркети Лидл и швајцарскиот слаткар Линдт, кои сè уште се во тек. Линдт се брани со тоа што поимот „Дубаи чоколадо“ се однесува на специфичен тип на производ, а не на чоколадо со потекло од најголемиот град во Обединетите Арапски Емирати.

Чоколадата од Дубаи стана многу популарна благодарение на социјалните мрежи Инстаграм и Тикток, а во претпродажба нејзината цена понекогаш достигнува и стотици евра. Цената за 100 грама дубајско чоколадо во продажба може да достигне 20 евра, пишува Танјуг.

ИЗДВОЕНИ