Според Сојузниот завод за статистика, германските работници биле на боледување во просек по 15,1 работен ден во 2023 година. Заводот за безбедност и здравје при работа проценува дека поради тие боледувања германските компании губат производство вредно 128 милијарди евра. Додека едни предлагаат бонуси, други сметаат дека проблемот би се решил со укинување на платениот прв ден од боледувањето
Германските работодавци не можат да се справат со работничките боледувања поради кои трпат огромни економски загуби.
Според Сојузниот завод за статистика, германските работници биле на боледување во просек по 15,1 работен ден во 2023 година.
Заводот за безбедност и здравје при работа проценува дека поради тие боледувања германските компании губат производство вредно 128 милијарди евра.
Работодавците размислуваат како да ги избегнат овие загуби, па предлагаат различни мерки за да ги решат работничките отсуства. Мерката која ја предложил шефот на „Алијанц“, Оливер Бате, е да се укине платениот прв ден од боледувањето. Но, повеќето германски работодавци се решаваат да го одврзат ќесето за да ги натераат работниците поретко да го напуштаат работното место. Така, „ Хамбургер Хохбан“ им плаќа на работниците до 615 евра за шест месеци, додека КВГ од Кил им дава бонуси до 1.000 евра годишно на работниците кои нема да користат боледување цела година.
Како што пишуваат германските медиуми, овие мерки помагаат, но стапките на боледување се сè уште високи, особено по пандемијата. Меѓу најтешко погодените од работничките боледувања се автомобилската и здравствената индустрија.
Според шефот на „Дајмлер“, Ола Калениус, фреквенцијата на боледување во Германија е двојно поголема отколку во другите земји. Па така, „Тесла“ во Грунхајде дава бонуси за „златен статус“ до 1.000 евра, а практикува и ненајавени посети на некои работници кога тие се на боледување.
Во здравствениот сектор, боледувањето е уште позастапено. Згрижувачите отсуствуваат во просек по 22,4 дена годишно. Клиниките во Хамбург размислуваа за бонуси, но синдикатот „Верди“ не го прифаќа тоа, сметајќи дека бонусите не ги решаваат основните проблеми.
Експертите предупредуваат дека менталните болести и респираторните инфекции се главните причини за зголемувањето на боледувањата. Додека респираторните инфекции се зголемија по укинувањето на мерките за коронавирусот, сега почесто се препознаваат и пријавуваат ментални проблеми.
Дебатата за ефективноста на бонусите и другите мерки останува отворена, додека бројот на отсуства продолжува да ја загрозува германската економија.