Илјадници луѓе на главните улици и булевари во Белград, некои седнати на скалите пред влезовите на зградите, со шолја кафе во рака чекаат – ништо помалку од револуција, пишува австриски „Стандард“, а пренесува „Дојче веле“.
„Во Белград е пролет. Од утрото од сите страни се слушаат свирежи и сирени кои стануваат се погласни и погласни. Илјадници луѓе на главните улици и булевари, кои се целосно затворени во центарот“, пишува австриски „Стандард“ за Белград на 15 март, пренесе „ДВ“.
„Граѓаните поставија маси на тротоарите. На демонстрантите им делат освежување: вода, грицки, па дури и ќебапи. Многумина едноставно седат на скалите пред влезовите на зградите, со шолја кафе во рака и чекаат – ништо помалку од револуција.
Некои носеа звучници за да пуштаат музика. Во еден агол мало девојче танцува со два пропелери во рацете, следејќи го ритамот на песните. „Неколку луѓе носат транспаренти со зборовите: „Пумпај!“, со нацртано срце до него“, опишува авторката Аделхјад Волфли.
Протестното движење се издвојува пред се по својата истрајност“, забележува авторот. „Веќе четири месеци факултетите се блокирани, веќе четири месеци студентите патуваат низ државата и секаде се пречекани со голема радост, како да се долгоочекувани ослободители од репресивен систем. Многу групи во српското општество – од сите можни идеолошки кругови, сите генерации и општествени класи – се приклучија на протестот во последните недели“.
„Едно е јасно: нема да дозволат режимот да ги избрка студентите. Ноќта меѓу петокот и саботата непознати лица нападнале професор и студент пред Техничкиот факултет. Сепак, на режимот ќе му биде тешко да ги потисне протестите со насилство, бидејќи сега ги има премногу – премногу кои сакаат правна држава и демократија, а не корумпирана автократија што моментално владее во Србија“, пишува „Стандард“.