Талеб А.(50), по потекло од Саудиска Арабија, од 2006 година живее во Германија, каде има политички азил. Работел како психијатар во Бернбург, недалеку од Магдебург. Во болницата каде што работел велат дека често отсуствувал од работа поради болест, пишува ДВ.
Овој ноември и декември, наводно, неколку пати престојувал во хотелот Маритим во Магдебург, од каде најверојатно се подготвувал за ова злосторство. Првите сознанија, пренесува Der Spiegel, укажуваат дека сторителот бил под дејство на наркотици. Анализата на крвта се уште не е направена.
Саудиец во петокот прегази луѓе во толпа на божиќниот пазар во должина од околу четиристотини метри со изнајмено црно БМВ пред да застане автомобилот и тој беше уапсен.
Иако многумина мислеа дека тој е исламист, според информациите на германските медиуми е спротивното – Талеб А. наводно е жесток противник на исламот.
„Можеме со сигурност да кажеме дека сторителот е исламофоб“, рече министерката за внатрешни работи Ненси Фезер на местото на настанот.
Пред пет години, Талеб А. зборуваше пред новинарите за својот „активизам“. Тој тврдеше дека советува илјадници Саудијци ширум светот како да избегаат од земјата или да добијат политички азил на Запад.
Тој очигледно се гледал себеси пред сè како „спасител“ на жените од конзервативното саудиско општество во кое тие имаат малку права. Тој тврдеше дека институциите во Германија погрешно ги советуваат овие жени и дека многу од нив се вратиле во Саудиска Арабија, каде што им се заканувале одмазда од нивните семејства. Како што рече, самиот му свртел грб на исламот.
Во последниве години, А. се повеќе сочувствува со ставовите на десничарската, делумно екстремна Алтернатива за Германија (AfD). Така, тој на почетокот на декември на мрежата Икс ја обвини поранешната канцеларка Ангела Меркел за „криминален проект за исламизација на Европа“.
„Бидејќи во Германија нема смртна казна, Меркел треба да го помине остатокот од својот живот во затвор“, напиша тој на англиски. „Но, ако повторно се воведе смртна казна, таа заслужува да биде погубена.
Хамед Абдел-Самад, германско-египетски автор и критичар на исламот, наведува дека дури по нападот во Магдебург видел дека А. му напишал порака претходно во ноември.
Во него тој ја обвини организацијата „Секуларна помош за бегалците“ и вработен во таа организација за злоупотреба на саудиски жени. „Наскоро ќе направам нешто што ќе ја направи оваа корумпирана организација глобална тема“, напиша Талеб А.
Убиецот очигледно имал „Секуларна помош за бегалците“ на ум со години. Од организацијата најавија дека до 2018 година можело кај нив да работи А. .
Чуден е и податокот дека Талеб А. требало да се појави во судот ден пред нападот, но не го сторил тоа.
Имено, тој во февруари се појавил во полициска станица во Берлин за да поднесе кривична пријава, но зборувал чудно и не бил конкретен. Незадоволен од работата на полицијата го кренал телефонот за да побара „правен совет“, но во таа прилика се јавил на бројот за итна помош.
Тој е казнет со 600 евра поради злоупотреба на бројот за итни случаи, против што поднел жалба, но на крајот не се појавил пред судот во Берлин.
Тој инаку не беше познат на безбедносните кругови како екстремист.
Der Spiegel дознава дека Саудиска Арабија три пати ја предупредила Германија за овој човек, но не е јасно зошто.
Минатата година тој беше пријавен во Провинциското биро за криминал за објава на платформата X во која наводно напишал дека Германија ќе ја „плати цената“ за дискриминација на саудиските бегалци, но тој извештај не се сметаше за релевантен.