Во една нива со жито во Скопје се наоѓаат два бетонски бункери од Втората светска војна, кои биле направени од германските фашисти додека била Македонија под окупација.

Постарите жители на населбата го нарекувале ова место Авијатика. Денес, тоа е населбата Горно Лисиче.

Бункерите се направени до железничка пруга и се претпоставува дека нивната намена била да ја контролираат железницата, но и да го штитат местото. Целиот тој регион каде што се денес бункерите, во минатото бил воен аеродром, а населбата не постоела. Подоцна, новоизградената населба го добила името Аеродром по тоа. Населбата Аеродром никнала по земјотресот во 1963 година. Патничките авиони оттука летнувале до 1966 година. Во тоа време, местото било германско упориште, па и преминувањето преку пругата било строго забрането. За да се заштитат од напади, Германците изградиле бункери.

Еден од бункерите е половина уништен и се претпоставува дека е од бомба. Внатрешноста е полна со ѓубре, бидејќи не се заштитени бункерите. На многу места во Македонија има вакви бункери и ниту еден не служи како туристичка атракција, бидејќи се запуштени. Во соседството како во Албанија и Србија, ваквите бункери претставуваат магнет за туристите.

ИЗДВОЕНИ