Полицијата во Германија упаднала во домот на тинејџер осомничен за производство и складирање на рицин, екстремно токсична и смртоносна биолошка супстанца што се користи како воен агенс, јавува Си-Ен-Ен.
Според полицијата, 16-годишникот е осомничен дека произведувал неколку ампули со мешавина од рицин и аконитин, уште еден силен растителен отров, во импровизирана лабораторија на таванот на семејна куќа во Цајтајн, општина во сојузната покраина Саксонија во источна Германија.
Канцеларијата за криминални истраги во Саксонија започна истрага во соработка со Државното правобранителство во Дрезден за можни прекршувања на германскиот закон за оружје, кој го регулира производството и трговијата со супстанции кои се сметаат за воено оружје.
Полицијата соопшти дека почнала да го претресува домот на осомничениот во раните утрински часови во четвртокот со цел „да ги обезбеди сите отровни материи и други докази“. Инспекторите сè уште не нашле докази за намерите на осомничениот во врска со отровите, соопшти полицијата.
Не е распишана потерница. Според досегашните наоди на истрагата, нема законски основи за приведување на осомничениот согласно германскиот Закон за кривична постапка, а особено се зема предвид Законот за малолетничка правда, се вели во соопштението.
Рицинот е природно, исклучително токсично соединение кое се произведува како нуспроизвод од преработката на семето од рицинус. Тоа е потенцијално фатално ако се вдишува, проголта или се инјектира. Екстремно мала количина може да убие човек во рок од 36 до 48 часа поради откажување на респираторниот и циркулаторниот систем.
Ако се внесе орално, предизвикува гадење, повраќање и крварење во желудникот и цревата, проследено со откажување на црниот дроб, слезината и бубрезите, а потоа и смрт поради колапс на циркулаторниот систем. Ако се инјектира рицин, тој веднаш ги уништува мускулите и лимфните јазли во близина на местото на инјектирање. Ова е проследено со откажување на виталните органи и смрт, пренсе Танјуг.