Олимписката шампионка во скок во далечина од Токио 2021 година и актуелна европска шампионка, Германката Малаика Михамбо, тврди дека медитацијата ѝ помогнала да стане подобра спортистка.
- Веќе бев ментално силна спортистка, но со оваа работа низ годините успеав, фигуративно кажано, да го избрусам овој дијамант, изјави 30-годишната Германка за дневниот весник „Abendzeitung Muenchen“.
Таа вели дека понекогаш медитира по еден час дневно, а понекогаш само пет минути.
- Сфатив дека секојдневието ми е премногу непредвидливо и дека не можам по секоја цена да се стремам кон некаква рутина, изјави Михамбо.
Во тешките фази таа се потпира и на вежби за опуштање на умот, кои ги правела и летово на Олимписките игри во Париз, кога се бореше со последиците од заразата со коронавирусот.
- Затоа не сум скршена како оваа ситуација која ја имав во Париз, не губам фокус. Справувањето со тоа е уметност, вели Малаика.
Михамбо ја откри својата страст за медитација за време на патувањето во Индија. -Тоа беше моето прво независно големо патување, за мене како жена – голем чекор. Научив неколку работи и многу медитирав, откри спортистката родена во Хајделберг.
Покрај златото во Токио 2021 и среброто на овогодишните Игри во Париз, Михамбо е двократна светска (Доха 2019 и Јуџин 2022) и европска шампионка (Берлин 2018 и Рим 2024). Нејзиниот личен рекорд од 7,30 метри е 12. резултат на сите времиња, а со него го освои златото на СП во Доха во 2019 година.