Германија го укинува забрзаното државјанство, го ограничува обединувањето на семејствата на мигрантите

1556

Владејачката црно-црвена коалиција на конзервативните демохристијани и социјалдемократи на Германија, формирана денеска, се согласи со коалициски договор да го укине забрзаното доделување државјанства на имигрантите кои добро се интегрирале во германското општество.

Сегашната влада на социјалдемократската СПД, Зелените и либералната ФДП во заминување, усвоија закон кој им дозволува на добро интегрираните имигранти во Германија да добијат државјанство по само три години.

Сепак, коалицискиот договор што денеска го презентираа Христијанско-демократската унија (ЦДУ) и нејзината сестринска баварска Христијанско-социјална унија (ЦСУ) ја задржува претходната одлука за скратување на периодот за стекнување државјанство од осум на пет години, а одлуката на Владата за признавање на двојното државјанство останува на сила.

Можноста за поседување двојно државјанство во Германија не постоеше се до доаѓањето на власт на СПД, Зелените и ФДП, со канцеларот Олаф Шолц.

Коалицискиот договор на идната владејачка коалиција, пак, предвидува ограничување за мигрантите во обединувањето со своите семејства доколку уживаат супсидијарна заштита во Германија, односно не се баратели на азил, пишува агенцијата ДПА.

Таква можност за доведување семејства ќе има во мандатот на новата влада само во „исклучително важни случаи“.

Досега имаше квота од 1.000 дозволи месечно за влез во Германија за најблиските роднини на лица со некаква меѓународна заштита.

Супсидијарната заштита не е исто што и статусот на бегалец или азил, но им овозможува да останат во Германија на луѓето за кои враќањето во нивната матична земја може да биде опасно или на кои им се заканува неправда или тортура.

Во средината на март годинава, Австрија одлучи да им го одземе правото на обединување со семејството на азилантите, иако е дискутабилно колку тоа е во согласност со правото на Европската унија, конвенциите за човекови права и покрај критиките од експерти и невладини организации.

ИЗДВОЕНИ