Италијанската ракометна федерација најави почеток на соработка со германскиот менаџер и селектор Боб Хенинг, кој ќе ги преземе улогите на консултант и технички директор на машките репрезентации. Договорот беше официјално претставен во „Унити арената“ во Осло, пред полуфиналето на Светското првенство меѓу Данска и Португалија, во присуство на претседателот на ФИГХ, Стефано Подини, и на Боб Хенинг.

Со ова завршува мандатот на селекторот Рикардо Трилини, кој од 2017 година го водеше тимот до историските квалификации за Светското првенство во 2025 година и до 16. место во конечниот пласман.

Федерацијата почнува нова фаза на развој, со цел да ги подобри репрезентациите и да им даде можност на најдобрите играчи да се натпреваруваат во врвни европски клубови. Неформалната соработка на Хенинг трае веќе неколку месеци, помагајќи да се пласираат италијанските играчи во Бундес лигата и во другите големи лиги.

Хенинг ќе дебитира како селектор на 13 март, против Летонија, во Јелгава, во квалификациите за ЕП 2026. Првиот домашен натпревар ќе биде на 16 март, во Ористано.

 Кој е Боб Хенинг

Боб Хенинг (57) е истакнат тренер и спортски менаџер во германскиот ракомет. Од 2005 година е генерален директор на Фуксе Берлин, со кој освои три европски лиги (2015, 2018, 2023), две титули на ИХФ Супер глобус (2015, 2016) и еден Куп на Германија (2014).

Тој беше помошник селектор на Германија (1997-2000) и потпретседател на ДХБ (2013-2021), период во кој Германија го освои ЕХФ ЕП 2016 и бронза на Олимписките игри во Рио, во 2016 година.

 

ИЗДВОЕНИ