Општина Центар треба да плати без малку 73 милиони денари плус камати или 2 милиона евра отштета на фирмата „Пелагонија АД Гостивар“, која тужеше за раскинатиот договор во 2014 година, за изградба на катната гаража кај поранешниот НИП „Нова Македонија“, кога градоначалник на општината беше Андреј Жерновски, кој парите за катната гаража ги пренамени за изградба на основното училиште „Киро Глигоров“. Пресудата на Апелацискиот суд до Општината е пристигната минатиот месец.

Поради тоа, вчера на седница на Советот на Општина Центар на дневен ред беше точка за ребаланс на буџетот и беше одлучено тој да се зголеми за 72.800.000 денари (1,17 милиони евра). Дополнително, покрај основниот долг, Општината треба да исплати и камати, со што севкупниот долг ќе се дуплира.

– Револтиран сум што после маратонските судски процеси, сето ова заврши на штета на центарци. Тековните проекти што ги спроведува Општината не смеат да бидат запрени ниту смее да има застој во работата и услугите што ги даваме на граѓаните. Нема да дозволам сметката на Општината да биде блокирана. Мораме докрај да ги спроведеме започнатите проекти како градинката во Пролет, модернизацијата на уличното осветлување, доградбата на училиштето „Коле Неделковски“, реконструкцијата на улиците – образложи градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.

Тој истакна дека се работи за правосилна извршна пресуда што може да биде предмет на присилно извршување пред надлежен извршител.

– Општината се соочи со блокирање на сметката за истиот предмет уште во 2018 година – вели градоначалникот Герасимовски.

Целиот судски процес датира од раскинување на Договорот за изградба на објект-катна гаража на ул. „Мито Хаџивасилев Јасмин“ бб од 2013 година. Договорот е раскинат во 2014 година, од причини што тогашното раководство на Општина Центар утврдило дека не е потребно изградба на катна гаража.

Општина Центар минатата недела поднесе ревизија до Врховниот суд.

(С.Бл.)