Град Скопје ги остави скопјани без празнично украсен град и го уништи тоа што Општина Центар го украси, изјави градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.
– Град Скопје не само што ги остави скопјани без празнично украсен град за Нова Година, туку сега и го уништува тоа што општината го украси! Камионот на ЈП Комунална Хигиена, под ингеренции на Градот, помина низ Центар, ги искина сијаличките и продолжи како ништо да не се случило. Ова ли е одговорно однесување кон празничната атмосфера – реагира Герасимовски.
Oд Јавното претпријатие Комунална хигиена-Скопје ги оценија како невистинити се тврдењата на Герасимовски.
– Камионот на ЈП Комунална хигиена-Скопје кој го подигнува отпадот во општината Центар, не искинал светилки на сообраќајницата во општина Центар, туку тие се поставени под законски утврдениот минимум од 4,7 метри височина. Градоначалникот треба да знае дека истото комунално возило на истата таа траса собира отпад веќе 10 години, возилото е високо 3 метри и никогаш не би имало проблеми доколку каблите што ги поставила општината Центар се монтирани соодветно законски на височина од 4,7 метри – велат од ЈП Комунална Хигиена.
Оттаму наведуваат дека наместо да ги обвинува „градоначалникот Герасимовски треба да побара одговорност, и материјална и кривична, од фирмата која од општината зема илјадници евра, а ги загрозува безбедноста во сообраќајот и воопшто безбедноста на скопјани“.