Водечките грчки синдикати од приватниот и јавниот сектор денеска повикаа на еднодневен генерален штрајк, барајќи повисоки плати поради зголемените животни трошоци, а општиот прекин на работата веќе од утрово почна да го парализира животот во Грција.
Штрајкот беше повикан од два синдикати кои ги претставуваат вработените во приватниот и јавниот сектор – Генералната конфедерација на грчките работници (ГСЕЕ) и синдикатот на вработените во јавните служби АДЕДИ.
Главната причина е вртоглавото зголемување на трошоците за живот, како и стравот дека новите царини наметнати од САД дополнително ќе ја комплицираат состојбата на вработените.
„Зголемените трошоци за живот ги нагризуваат платите на вработените, а владата не покажува никаква загриженост“, велат од синдикатот ГСЕЕ. Според синдикатот, голем дел од населението троши повеќе од 40 отсто од својот приход за кирија и греење, пренесе агенцијата АП.
Повикот за еднодневен прекин на работата се однесува на речиси сите активности, вклучително и јавниот превоз, воздушниот и поморскиот сообраќај, образованието и градската администрација, пишува грчкиот весник „Катимерини“.
Кон штрајкот се приклучија и контролорите на летање, кои иако беше предложено да им се забрани, судот во вторникот попладне пресуди дека и тие имаат право на штрајк.
Траектите останаа закотвени во пристаништата од утрото на 9 април, како и бродовите, бидејќи во прекинот на работата учествува и Панхеленската федерација на морепловци (ПНО).
Островите се отсечени од копното, а странските туристи се заробени на аеродромите, или воопшто не можеле да стигнат до своите дестинации во Грција.
Атинското метро и покачената урбана железница ќе работат со ограничени часови во текот на денот и по изменет распоред, главно линиите до меѓународниот аеродром во Атина, а некои станици ќе останат затворени.
Како што е најавено, слично ќе функционира и јавниот превоз низ цела Грција.
Целосно ќе биде прекинат железничкиот сообраќај во земјава, вклучително и приградските линии.
Низ земјата се одржуваат демонстрации, а синдикатите повикаа на централни протести во Атина. На протест повика и Грчката Панхеленска федерација на вработени во угостителството и туризмот.