Генералниот секретар на НАТО ја повика Германија: Мора да се подготвиме за војна

580
EPA-EFE/OLIVIER HOSLET

Генералниот секретар на НАТО Марк Руте изјави дека се очекува Германија да ги зголеми воените трошоци и производството со оглед на големината на нејзината економија и препорача членките на Алијансата да се подготват за војна.

„Со оглед на големината на германската економија, сосема е природно да сакаме тие да направат многу повеќе. Убеден сум дека за Германија, со нејзините фантастични компании за оружје и иновативниот потенцијал, тоа значи дека ќе мора да го зголемат производството. Ова е неопходно – изјави Руте во интервју за весникот „Билд“.

Тој истакна дека „Германија е главниот донатор на воена помош за Украина во Европа“ и потсети на плановите за префрлање на германска бригада во Литванија.

Покрај тоа, генералниот секретар ги повика политичарите и банките во земјите на НАТО да ги зголемат инвестициите во одбранбената индустрија, бидејќи „ова е од одлучувачко значење“.

„Мојата порака е јасна: мора да се подготвиме за војна – рече Руте, додавајќи дека „ова е најдобриот начин да се избегне војна“.

Руте, исто така, истакна дека Кина „ги гради своите воени капацитети“.

Претходно германскиот министер за одбрана Борис Писториус се изјасни против предлогот на американскиот претседател Доналд Трамп за зголемување на трошоците за одбрана на НАТО на пет отсто од БДП на земјите-членки.

„Пет отсто од нашиот БДП би одговарале на 42 отсто од федералниот буџет, што е речиси секое второ евро што го троши германската влада, или 230 милијарди евра. Не можеме да си дозволиме и да трошиме толку“, изјави Писториус во интервју за Тагесшпигел.

„Фајненшл тајмс“ претходно објави дека тимот на Трамп им рекол на европските претставници дека новата администрација ќе бара од членките на НАТО да ги зголемат трошоците за одбрана на пет проценти од БДП.

ИЗДВОЕНИ