Студентите во блокада денеска повикаа на генерален штрајк во Србија, а беа поддржани од проширената ректорска управа на Универзитетот во Белград, адвокатската комора и неколку различни синдикати, здруженија и иницијативи.
Во објавите на социјалните мрежи, студентите во блокада ги повикуваат граѓаните да ги запрат луѓето околу нив, да излезат надвор, да не трошат пари и да не одат на работа.
Им беше препорачано да земат слободен ден од работа или боледување, како и да ги поканат колегите да им се придружат. Ги повикаа и да не одат во кафулиња и ресторани, да не пазаруваат во супермаркети, да не посетуваат кина и театри…
„Ова не е само протест, ова е борба за одговорност, правда и иднина…“, изјавија претходно студентите кои го организираа првиот генерален штрајк на 24 јануари.
На генерален штрајк повикаа и бројни средношколци, кои за денеска најавија протестна прошетка во Белград, која ќе започне во 15 часот и 30 минути кај Славија, каде и ќе заврши.
Проширената Ректорска управа на Универзитетот во Белград ги повика вработените во институциите членки на Универзитетот да ги поддржат студентите со прекин на работата во текот на денот, се наведува на веб-страницата на Универзитетот.
Адвокатските комори во Белград, Крагуевац, Ниш и Војводина одлучија нивните членови да ја прекинат работата, односно адвокатите да не постапуваат пред судови, обвинителства, полиција… освен во посебни случаи.
Студентите кои ги блокираат факултетите на Универзитетот во Нови Сад најавија обиколка на 13 јавни претпријатија и институции. Како што е најавено, ќе им се придружат средношколци, просветни работници, граѓани.
За претседателот на Србија Александар Вучиќ „се функционира“
Српскиот претседател Александар Вучиќ на 7 март по повод акцијата „Генерален штрајк“ изјави дека „се функционира и работи“ и дека само во областа на образованието денеска целосно се затворени околу 75 училишта помалку отколку на 24 јануари, кога беше организирана идентична акција на повик на студентите во блокада.
„Денес има меѓу 74 и 78 училишта помалку во целосен прекин на наставата отколку на 24 јануари, да не зборувам за училиштата кои се во некој дрг вид на штрајк“, рече Вучиќ во обраќањето пред новинарите во Српското претседателство.
Првиот генерален штрајк кој го свикаа студентите се одржа на 24 јануари.
Десетици илјади граѓани учествуваа на масовните протести низ целата земја, а рестораните, кафулињата, книжарниците и кината одговорија на акцијата со затворање.
Акцијата „Генерален штрајк“ се одвива на бранот протести кои траат во Србија по несреќата на железничката станица во Нови Сад на 1 ноември.