Генерал Сер Патрик Сандерс: За 5 до 10 години може да избувне трета светска војна, има поголема закана од нацистите во 1939 година

5876

Генералот Сандерс ги повика членките на НАТО, пред нивниот состанок на 75-годишнината во Вашингтон, да се фокусираат на повторно вооружување за да ја смират заканата што се појавува од она што тој ги нарекува сили на новата оска, а тоа, според него се Русија, Кина и Иран. Тој го предупреди НАТО дека светот се соочува со опасен момент каков што немало од 1945 година

 

Во следните пет до десет години може да избувне трета светска војна, предупреди во интервју за Тајмс генералот Сер Патрик Сандерс, кој до пред три недели беше началник на Генералштабот на британската армија.

Генералот Сандерс, ги повика членките на НАТО пред нивниот состанок на 75-годишнината во Вашингтон да се фокусираат на повторно вооружување за да ја смират заканата што се појавува од она што тој ги нарекува сили на новата оска, а тоа според него се Русија, Кина и Иран. Тие три земји, според него се „новите сили на оската, кои меѓусебно се позависни и покоординирани отколку што беа изворните сили на Оската“.

Генералот го предупреди НАТО дека светот се соочува со опасен момент каков што немало од 1945 година. Според него, овие земји претставуваат поголема закана од нацистите во 1939 година, па како што вели за Тајмс, голем конфликт ќе може да се избегне ако НАТО членките, вклучувајќи го и Обединетото Кралство, значително го подобрат своето вооружување.

-Повеќето проценки ќе ви кажат дека имаме некаде помеѓу пет и десет години пред Русија да закрепне и да биде во состојба да претставува закана каква што беше пред војната во Украина, нагласува тој  и препорачува да се преземат вистинските чекори сега, да се решат сопствените слабости, да се модернизираат вооружени сили, а општеството и Велика Британија да се направат поотпорни, зашто само така може да се спречи конфликт.

-Ако го направиме сето тоа, има мала веројатност за конфликт, ако не, тоа ја зголемува веројатноста и ги охрабрува Русија, Кина и Иран, додава генералот Сандерс.

Како што појасни, британските вооружени сили моментално не се доволно моќни за да почнат операции како што е инвазијата на јужен Ирак во 2003 година или на Фолкландските Острови во 1982 година.

-Можеме ли да ги собереме заедно двете бригади што ги зазедоа Фокландите? Да, се разбира дека можеме. Но, дали можеме да ги однесеме таму? Дали би можеле да имаме работна група да го овозможи и одржува тоа? Не!, самоуверено вели  поранешниот врховен командант.

Според него, ситуацијата е толку лоша што сегашните воени резерви, ќе ги загрижат граѓаните.

Како што пишуваат британските медиуми, новиот премиер на Обединетото Кралство, Сер Кир Стармер, кој е присутен на самитот на НАТО, ветил дека ќе изврши преглед на одбраната во текот на неговата прва година од власта.