Групацијата ГЕН-И ја изгради својата втора голема соларна електрана во земјата, во близина на Кавадарци. На претходно деградирано земјиште од 70.000 квадратни метри, инсталирани се 17.612 фотоволтаични модули, кои зафаќаат вкупна површина од 60.000 квадрати.

Нивната максимална вкупна моќност (во зависност од временските услови) изнесува 12 МW. Во зависност од бројот на сончеви часови, овие модули може годишно да произведат до 15.500 МWh енергија без јаглеродни емисии. Со оглед на просечната потрошувачка на едно домаќинство, оваа количина енергија ги задоволува потребите на околу 3.400 домаќинства. Ова значи заштеда од 7.574 тони ЦО2 годишно.

Групацијата ГЕН-И, која, како успешен меѓународен трговец со електрична енергија, работи на 24 пазари, ги проширува своите активности и во областа на обновливите извори на енергија. Во Словенија, веќе има изградено повеќе од 10 000 мали, соларни електрани, а со проектот во Кавадарци ја пушти во употреба својата втора голема соларна електрана во странство.

Првата електрана ја изгради во октомври 2022 година, во Амзабегово, Општина Свети Николе, Северна Македонија, со вкупна моќност од 17 МW и со производство од 25.000 МWh зелена енергија. Со двете електрани, ГЕН-И сега произведува електрична енергија што ги задоволува потребите на речиси 9.000 домаќинства во Македонија.

– ГЕН-И е посветена на создавањето безјаглеродна иднина и на заштита на планетата. Веќе долго време сме познати како снабдувач што им обезбедува на своите потрошувачи електрична енергија, без јаглеродни емисии. Ние сме меѓу водечките енергетски компании во централна и во југоисточна Европа, а со проекти како овој во Кавадарци растеме и како инвеститор во обновливите извори на енергија. Во Македонијам ваквите инвестиции се сè почести, бидејќи со нив се искористуваат деградирани области за одржливи цели, како што е производството на сончева енергија – објасни претседателот на Управниот одбор на ГЕН-И, Макс Хелбл.