Двете страни во конфликтот во Појасот Газа се договорија за размена на затвореници и заложници. Прекинот на огнот ќе стапи на сила в недела, а ќе го надгледуваат САД, Катар и Египет, изјави шефот на катарската влада, ал Тани, додавајќи дека ова го објавува со надеж дека ќе се постигне траен прекин на огнот меѓу двете страни. Но, Израел вчера ја откажа седницата на која овој договор требаше да се ратификува. Примирјето во Газа и размената на заложници објавени во Доха треба да се слават, но не очекувајте тоа да донесе итно олеснување. Договорот е сложен и кревок, полн со замки и мински полиња кои допрва треба да се надминат, пишува „Телеграф“, додека „Гардијан“ наведува дека враќањето на Трамп во Белата куќа можеби помогнало да се постигне прекин на огнот, но не и да се постигне траен мир
Газа е во славеничка еуфорија по објавата за прекин на огнот што треба да стави крај на 15-месечните израелски напади во кои загинаа близу 470 илјади Палестинци, главно жени и деца и беа причина низ енклавата да се рашират болести и глад. Но не само во Газа, славеничка атмосфера се рашири низ целиот арапски свет. Да прослават со бдеење и маршеви илјадници луѓе излегоа во Јордан, Сирија, Мароко, Либан, Тунис и во други земји низ Блискиот Исток и Северна Африка. Го вееја палестинското знаме, извикуваа пропалестински слогани и делеа урми.
Славењето почна во средата вечерта кога Мохамед бин Абдулрахман ал Тани, шефот на владата на Катар, земјата посредник во договарањето, објави дека е постигнат договор за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас, кој треба да стапи на сила в недела, на 19 јануари.
-Двете страни во конфликтот во Појасот Газа се договорија за размена на затвореници и заложници. Прекинот на огнот ќе стапи на сила в недела, а ќе го надгледуваат САД, Катар и Египет, изјави тој, додавајќи дека ова го објавува со надеж дека ќе се постигне траен прекин на огнот меѓу двете страни.
Ал Тани ги потврди и претходно објавените информации за договорот. Во првата фаза треба да бидат ослободени 33 израелски заложници, меѓу кои жени, деца и псотари од 50 години, болни и повредени цивили. Израелските сили треба да се повлечат од густо населените области на Појасот Газа во текот на оваа прва, 42-дневна фаза, за да се олесни размената и враќањето на раселените во нивните домови. Деталите за втората и третата фаза од договорот ќе бидат објавени по спроведувањето на првата фаза, информира ал Тани, а израелските медиуми објавија дека според договорот, Израел во првата фаза ќе задржи тампон-зона во Појасот Газа.
Но, договорот станува валиден дури откако ќе го ратификуваат двете страни, а вчера израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху информира дека е откажана седнцата за негова ратификација со образложение дека Хамас отфрлил дел од договорот. Исто така, Израел изрази сомнежи дека Хамас сака да го искористи последниот момент за да го извлече од договорот тоа што е во негова корист.
-Хамас е доследен на спогодбата за прекин на огнот која ја објавија посредниците, рече водачот на групата Изат ал-Рашак, по изјавата на Нетанјаху.
Во меѓувреме, во израелските воздушни напади загинаа десетици луѓе низ Газа.
Овој договор некои го нарекоа историски иако има сомнежи дека целосно ќе биде испочитуван, а уште помалку дека ќе доведе до траен мир. Има големи дилеми околу размената на затворениците – десетиците кои ги држи Хамас и стотиците палестински во Израел, особено околу тоа каква е нивната здравствена состојба.
„Њујорк тајмс“ наведува дека радоста и олеснувањето што го изразија семејствата на заложниците при објавувањето на договорот се комбинирани со чувството на вознемиреност дека многу од нив може да останат во Газа. Според весникот, постои загриженост дека договорот може да пропадне во секое време и дека Хамас и Израел можеби нема да можат успешно да преговараат за преостанатите фази, што би оставило некои групи заложници во Газа, особено помлади мажи.
Има уште многу работи кои би можеле да тргнат наопаку при спроведувањето на договорот, а израелските власти нагласуваат дека засега ова е привремена пауза, пишува „Вашингтон пост“. Весникот додава дека најтешките прашања, вклучувајќи го и она кој ќе управува и ќе го обезбедува појасот Газа, остануваат нерешени, а забележува и дека е интересен и тајмингот на договорот – помалку од една недела пред трансферот на претседателската моќ во САД.
-Примирјето во Газа и размената на заложници објавени во Доха треба да се слават, но не очекувајте тоа да донесе итно олеснување. Договорот е сложен и кревок, полн со замки и мински полиња кои допрва треба да се надминат. Дури и да помине без проблеми, што е тешко да се поверува, ќе поминат најмалку четири и пол месеци пред да се заврши и да почнат вистинските процеси на закрепнување и помирување, нотира британски „Телеграф“.
„Гардијан“, пак, наведува дека враќањето на Трамп во Белата куќа можеби помогнало да се постигне прекин на огнот, но не и да се постигне траен мир.
Момент кој му даде белег на договорот е и надмудрувањето меѓу американскиот претседател во заминување Џозеф Бајден и новиот, сè уште неназначен, Доналд Трамп, околу тоа чија е заслугата за негово постигнување.
-Планот беше развиен и преговаран од мој тим, а ќе го спроведува новата администрација. Затоа му кажав на мојот тим да продолжи целосно да ја информира новата влада, кажа Бајден.
-Овој епски договор за примирје беше овозможен од нашата историска победа во ноември, која му навести на целиот свет дека мојата влада ќе бара мир и ќе преговара за договори за да се осигури безбедноста на сите Американци и нашите сојузници, рече Трамп.
„Телеграф“, пак, стави паралела меѓу оваа ситуација и ослободувањето на американските заложници во Иран во 1981 година, на 20 јануари 1981 година, токму кога републиканецот Роналд Реган ја презеде функцијата претседател на САД. Републиканецот Трамп треба да ја преземе должноста на 20 јануари, ден по предвидената размена на првата група заложници на Хамас и Израел.
Војната започна со ненадејниот напад на Хамас и Исламскиот џихад врз јужен Израел на 7 октомври 2023 година, кога според израелски извори биле убиени 1.200 луѓе, а околу 250 биле киднапирани и однесени во Појасот Газа. Израелската војска веднаш одговори со масовна офанзива во која досега во Појасот Газа се убиени повеќе од 46.600 луѓе, а над 110.200 се повредени.