Македонија и Србија ќе се поврзат со гасен интерконектор, кој ќе почне да се гради по поврзувањето што ќе го направи нашата земја со Грција. Ова го договориле министерот за транспорт и врски и српската министерка за рударство и енергетика, Александар Николоски и Дубравка Ѓедовиќ-Хандановиќ.

– На тој начин ќе се изгради целокупен гасовод, кој ќе оди од Грција, преку Македонија и Србија, до Унгарија, Австрија и Централна Европа и ќе се заврши еден проект, кој го споменувале генерации политичари пред нас за изградба на гасовод низ Македонија. Со тоа, Македонија ќе го заземе централното место во делот на снабдувањето со гас на Централна Европа, што, во услови на криза на Истокот и воена агресија во Украина, ќе значи уште повеќе за македонската економија, затоа што, прво, ќе може да се диверзифицира снабдувањето со гас во Македонија и да имаме три или четири извори на гас, а не само еден – изјави Николоски.

Тој истакна дека придобивките за Македонија ќе бидат големи.

– Второ, многу поважно е да оди низ Македонија транзит гас, кој ќе оди до големите европски држави, со што македонското стопанство ќе наплаќа за транзит и ќе остварува големи приходи. Стратешки, тоа ќе ја постави Македонија на мапата, да не биде избегнувана и, од една страна, каде што сакаа некои други влади да ја направат Македонија слепо црево во делот на инфраструктурата и во делот на поврзувањето, ние сакаме да ја направиме центар на поврзувањето – изјави Николоски.

Што се однесува до интерконекторот за спојување со гасоводот во Грција, тој заглави во тендерот. Првиот оглас за избор на изведувач на работите пропадна, а Европската инвестициска банка (ЕИБ), која ја води тендерската постапка, наводно нашла услов во тендерот што не е во согласност со нејзините правила, дека изведувачи на работите може да бидат и домашни компании, што, на еден начин, било ограничувачко и затоа им предложила на македонските власти да распишат нов. Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека е против распишување нов.

Како и да е, Николоски очекува со реализацијата на повеќето проекти (гасоводни, патни и железнички) во наредниот период, македонската економија да може да се „раздвижи“.

–  Клучниот гасовод што оди до Централна Европа, изградба на брза пруга со 200 километри на час, што, исто така, оди до Централна Европа, завршување на коридорот 8 во делот на автопатското поврзување со Бугарија и со Албанија и, во перспектива, и железничко, како и изградба на мултимодуларен комплекс кај Трубарево, каде што треба Македонија да изгради пристаниште на суво, како што се нарекува, каде што треба да се претовара целата стока што ќе доаѓа од солунското, драчкото и од атинското пристаниште. Мислам дека тоа ќе ја стави македонската економија, во следните 10-15 години, во центарот на Балканот, што е наша основна задача, да ја „покренеме“ Македонија, да доаѓаат луѓе во Македонија, а не да си одат, да има повеќе работни места и да има добро платени работни места – се очекувањата на министерот Николоски.

Што се однесува до изградбата на брзата пруга, Николоски вели дека цел на новата македонска Влада е да се проектира и да се изгради во многу брзо време.

– Не сакам да давам рокови, но ако успееме во рамките на извесните два мандата што ќе ги има оваа Влада, зашто да нема и три, ќе биде одлична работа за Македонија. Некаде таму меѓу 2030 и 2032 година да имаме функционална, брза пруга, со 200 километри на час, што ќе значи преродба за цела Македонија – истакна Николоски.

(С.Бл.)