Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, на средбата со амбасадорката на Република Грција, Софија Филипиду, разговараше за продлабочување на билатералната соработка во енергетскиот сектор, со посебен акцент на проектите од регионално значење.

Двете соговорнички ја истакнаа важноста на изградбата на гасниот интерконектор со Грција, кој ќе придонесе за енергетска стабилност и диверзификација на изворите на енергија во регионот. Министерката Божиновска нагласи дека овој проект е од стратешко значење за земјата и ќе овозможи поефикасно снабдување со природен гас.

Дополнително, беше разговарано за иницијативите за пазарно поврзување (маркет коплинг) со Грција, со цел интеграција на македонскиот електроенергетски пазар во единствениот европски пазар. Министерката информираше дека Националниот оператор на пазар на електрична енергија (МЕМО) го воведе еврото како трговска валута во првиот квартал на 2025 година, што е клучен чекор кон оваа интеграција.

Амбасадорката Филипиду ја потенцираше потребата од зајакнување на соработката меѓу берзите на двете земји, што ќе донесе значителни придобивки за економиите на двете земји и за целиот регион.

ИЗДВОЕНИ