Гаши: Закон за соодветна и правична застапеност ќе донесеме најверојатно во март или април

193

Законот за соодветна и правична застапеност би требало за многу кратко време да влезе во собраниска процедура, најавува претседателот на Собранието, Африм Гаши, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1. Иако не сака да прејудицира, сепак е убеден дека законот ќе може да се донесе во март или април зашто, според него, веќе одамна работат експерти кои сакаат да донесат добро и издржано решение согласно уставните начела.

„И да останеше балансерот, ние имавме идеја да донесеме или да предложиме закон затоа што беше евидентно дека тој механизам не ги даде посакуваните резултати, дотолку повеќе што во последниве години беше многу злоупотребуван. Така што, мислам дека е правилна одлуката на Уставниот суд“, изјави Гаши.
Прашан дали законот ќе ги земе предвид процентите од пописот, Гаши одговори дека тој не ги знае деталите, но знае дека законското решение се базира на уставните начела и амандмани.

„Правичноста е многу важна за еден процес, ние не треба се да гледаме низ призма на проценти и мислам дека пополека треба да се надминеме себеси и тој процес и ваквите битни процеси не треба да ги гледаме низ проценти, туку низ квалитетната перспектива и димензија која луѓето ја носат во јавната и државна администрација“, вели Гаши.

Изготвувањето нов закон за соодветна и правична застапеност беше најавено од претставници на коалицијата „Влен“ откако Уставниот суд во октомври минатата година ја укина алатката за вработување во јавните институции наречена „балансер“.

ИЗДВОЕНИ