Гаши смета дека во новото собраниско лого не треба да има етнички елементи

110

Во новото собраниско лого не би требало да има етнички елементи, но за неговиот конечен изглед ќе решат дизајнерите и комисијата што ќе ги оценува графичките решенија. Ова е став, кој на денешниот брифинг со новинари го кажа собранискиот претседател Африм Гаши, како одговор на новинарските прашања околу распишаниот конкурс за ново графичко решение на симболот на македонскиот парламент. На прашањето дали авторите на трудовите треба да водат сметка на логото да има и етнички елементи, Гаши одговори дека „не мисли дека треба“.

-Не мислам дека треба. Зборувам од уметнички аспект, мислам дека логоата треба да бидат поедноставни, порепрезентативни, посеопфатни, поинклузивни. Ако сакаме во сè да ставаме бои, не е добро од визуелен и од уметнички аспект. Јас нема да учествувам во изборот. Како ќе се пријават кандидатите и како комисијата ќе одлучи, јас ќе ја прифатам таа одлука. Јас сакам да биде модерно лого. Тоа не треба да се решава на политичко ниво – рече Гаши.

Собранието деновиве распиша конкурс за изработка на идејно решение за лого со цел законодавниот дом да го модернизира и изедначи својот институционален, визуелен идентитет преку изработка на заштитен знак. Во објавениот конкурс се наведува дека логото треба да ги одразува националните вредности и вредностите, мисијата и визијата на институцијата.

Во Јавниот конкурс се посочени главните елементи што треба да ги содржат понудите за идејно решение за изработка на логото и критериумите што треба да бидат задоволени. Меѓу другото, дизајнот на логото треба да биде уникатен и неупотребуван досега, така што авторот треба да обезбеди ексклузивност на дизајнот и да гарантира дека конечниот труд нема да повредува какви било интелектуални права. Секој учесник на конкурсот има право да поднесе најмногу до три идејни решенија за лого на Собранието. Во логото треба да бидат употребени македонскиот, албанскиот и англискиот јазик.

На прашањето „што му недостасуваше на досегашното лого, кое за основни мотив ја има собраниската зграда“, Гаши рече дека прво треба да се видат пристигнатите трудови.

-За тоа ќе одлучат експертите и комисијата. Ако трудовите не ги исполнуваат условите да се подобри од ова постојно решение, ќе остане и натаму тоа. Тоа е чисто експертски пристап – нагласи претседателот на парламентот. (Б.Ѓ.)

ИЗДВОЕНИ